ЕВРОПА ПОЧНУВА СО ВАКЦИНАЦИЈА ВО НЕДЕЛА, МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА НЕ ЗНАЕ ТОЧНО КОГА ЌЕ СТИГНАТ ВАКЦИНИТЕ ВО ЗЕМЈАВА

0
76

Македонија ќе ја добие и руската вакцина „Спутник“ преку КОВАКС механизмот. Но кога точно ќе стигнат вакцините и кога македонските граѓани ќе се вакцинираат против вирусот, надлежните не знаат.

Министерството за здравство вели дека Светската здравствена организација одлучува кога ќе ги достави вакцините.

„Темпото за дистрибуција на вакцините против Ковид 19, го утврдува Ковакс системот. Тоа е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација кој што овозможува како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји коишто аплицирале на тој механизам.“ – велат од Министерство за здравство.

Од Светската здравстена организација пак за ФОКУС велат дека дистрибуцијата на вакцините ќе зависи и од регулацијата на секоја земја но и подготвеноста на државата за чување и складирање на вакцините.

„Се очекува првите дози на вакцините да бидат пуштени во првата четвртина на 2021 година. Детален план на тоа како ќе оди пуштањето зависи од достапноста на дозите, регулацијата во секоја земја, како и подготвеноста на секоја земја.“ – велат од Светска здравствена организација за Фокус.

А, министерството за здравство тврди дека Македонија била најподготвена земја во регионот за прием на вакцините. Но дел од медицинската фела порачува дека не смее да се дозволи да чека само на добрата волја на соседите и велат дека се додека не се почне со вакцинација, државава ќе остане нефункционална, а епидемијата ќе продолжи да зема жртви.

„Од летото требаше да почнат преговори директно со фирми прозводители на вакцини како што можеше Србија така требаше и ние. Додека ние не започнеме со процесот на вакцинација нашите животи се замрзнати и оваа држава нема да функционира и единствен спас да излеземе од оваа агонија во која што се наоѓаме психо-социјална, економска не само здравствена криза е што побрзо да се почне со вакцинација, замислете ако ние ги добиеме првите количини во втората половина на 2021-ва година – тоа ќе бидат прво количини кои ќе завршат кај политичари, па потоа и кај медицински персонал близок до власта, па дури после може да добие некој друг, бидејќи тоа е пракса во оваа држава и ова не го говорам само за оваа власт, тоа е шаблон. Го видовме тоа и со вакцините со грип, 4 000 вакцини во Скопје, не знаеме каде завршија.“ – вели д-р Ненад Лазаров – матичен лекар.

И додека Македонија се уште чека, земјите во Европската унија почнуваат со вакцинацијата веќе од 27ми декември. Откако во понеделникот Европската Агенција за лекови даде зелено светло за употреба на вакцините на Бионтек и Фајзер, почна испораката на вакцините. Од вчера и граѓаните на соседна Србија почнаа да ја примаат вакцината против КОВИД.