Истече уредбата за обложувалниците, онлајн игри на среќа од денеска само преку државна Видеолотарија

0
80

Истече шестмесечниот рок на уредбата со која обложувалниците имаа можност да организират онлајн уплати. Од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија бараат од Владата и во следниот период да овозможи љубителите на овие игри на среќа да можат да уплаќаат преку компјутер, во спротивно, како што велат, државата ризикува да изгуби 100-тици милиони евра во буџетот. Според пресметката на Асоцијацијата на спортски обложувалници од мај до декември пркеу онлајн уплатите во државната каса се инкасирале близу 2 милиони евра.

„Бараме итно, по кратка постапка, Владата да ја имплементира уредбата во Законот за игри на среќа и забавните игри. Владата имаше 6 месеци да најде правно решение за продолжување на уредбата, но тоа не се случи. Ние апелиравме преку медиумите, но и до Владата и Мистерството за финансии со барање за средба за да ги адресираме предизвиците, но и придобивките од индустријата, но досега апсолутно немаше слух за тоа.“, рече Васко Илијевски.

Онлајн игри на среќа, сепак ќе може да се организираат и во иднина. Државната видеолотарија на Македонија е единствениот законски лиценциран орган кој може да организира вакво нешто. Овие услуги се достапни од 2015 година и ќе бидат непрекинато достапни и во иднина. Ова значи дека игрите на среќа кои организираше или ќе ги организира Државната видео лотарија не се опфатени со уредбата на Владата која истече денеска.

„Државна Виделотарија на Македонија согласно член 7 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри има право да ги приредува и интернет игрите на среќа до истекот на траењето на Договорот за основање, а овластувањето за приредување на интернет игрите го има од самиот закон и не подлежи на системот на лиценцирање како што подлежат другите приредувачи кои имаат намера да ги приредуваат и интернет игрите на среќа.“, велат од Државна Видеолотарија.

Спортските обложувалници со почетокот на пандемијата беа први кои ставија клуч на врата, но и први ги отворија вратите за користење на нивните услуги. Во казината и обложувалниците работат околу 12 илјади работници. До емитувањето на овој прилог, не добивме одговор од Министерството за финансии дали ќе го продолжи рокот за организирање на онлајн обложување.