Колариќ: Хероите кои ја основаа татковината и се бореа за нејзе не им е местото на депонија

0
75

Хероите кои ја основаа татковината и се бореа за нејзе не им е местото на депонија, смета Светлана Колариќ, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје. Оваа реакција доаѓа по изјавата на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов дека му се допаѓа идејата на местото на дивата депонија во општината Ѓорче Петров да се направи мементо парк и сите споменици од „Скопје 2014“ да бидат таму дислоцирани.

– За овие споменици Петре Шилегов кажа дека ќе ги однесе во депонија. Оние кои ја основаа нашата татковина и се бореа за нејзе, како Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Татарчев, Христо Батанџиев, Андон Димитров, Методиј Андонов Ченто, Панко Брашнаров, Михајло Апостолски, Емануел Чучков, Киро Глигоров, Кузман Јосифовски Питу, како и Бранителите од нашата понова историја. Ова е скандалозно и е чин на предавство, но и продолжение на квинслишката политика на Зоран Заев кој откако се откажа од името, сега се откажува од идентитетот и придавката македонски – истакна Колариќ.

Таа вели дека Скопје секогаш бил антифашистички град и град кој ја цени слободата, бидејќи знае како се доаѓа до неа, преку пот, солзи и многу крв. Скопје ја платило цената за слободата и нема да се откаже од истата. Скопје ги цени придобивките од антифашистичката борба.

– Спомениците како овие овде, се потсетник за сите кои ја дале жртвата за нашата слобода, да не потсеќаат сите, но и да служат како водилка за сите идни генерации да знаат како е изградена нашата држава, но и како е платена нашата слобода – рече Колариќ.

Шилегов истакна дека мораме да биде внимателни, да не предизвикуваме нови поделби и револт во општеството.

– Треба да имаме меѓусебна почит независно дали некому му се допаѓа „Скопје 2014“ или не. Скопје не е град како што сега изгледа центарот, ниту бил, ниту треба, а нити ќе биде. Но, мора да почитуваме дека некои луѓе сакаат тоа да го гледаат и со ваков парк ќе им го овозможиме тоа. Да не бидеме брутални во отстранувањето туку да имаме еден општествен помирувачки процес – порача Петре Шилегов и потсети дека мементо парк парк веќе има во Будимпешта и сите статуи на Сталин, како и одбележјата на комунизмот ги имаат ставено таму.