Мицкоски: Нема да учествувам на лидерска средба организирана од Пендаровски, не ја гледам неговата улога тука

0
74

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес едно од новинарските прашања за лидерска средба нагласи дека нема да учествува на лидерска средба што ќе ја организира претседателот Пендаровски.

„Јас уште пред неколку месеци кога, практично, беше навестено ова што се случува, побарав лидерска средба. Ќе ве потсетам дека пред повеќе од една година побарав дефинирање, на таа лидерска средба кај Стево Пендаровски, на нашите црвени линии со што ќе им се олеснеше на политичарите кои што преговараат, но и на историчарите кои што преговараат во многу нешта нивната позиција. Но, вие не можете да придонесете ако го гледате претседателот на владата, кој што дава интервју за медиум кај нашиот источен сосед, каде што се тргува и комплетно се урнисуваат сите преговарачки позиции на државата. Вие и да правите стратегија, после тоа интервју е невозможно таа стратегија да ја имплементирате. Зошто? Затоа што гледате дека во тие триесетина минути, овој човек, све што вие сте изградиле, урнал. И сега, ако ние сите треба да бидеме флип флоп политичари, денес за утре, луѓе кои што функционираат пазарџиски наместо стратешки, тогаш за жал нема соговорник кај нас. Но, доколку се одважеше и наместо цела недела, буквално да дехидрира на плукање врз мене и на плукање на опозицијата и да прифати подадена рака да организира лидерска средба, тогаш ние денеска ќе имавме, можеби поинаква ситуација. Она што може да го прави опозицијата, ние како ВМРО-ДПМНЕ го правиме, а тоа е, кај нашите сестрински партии во рамките на Европската народна партија да разговараме и да ги убедуваме за нашите позиции и за нашите, би рекол, црвени линии кога станува збор за преговорите и нашата амбиција да бидеме дел од Европската унија“, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека не може да биде пазарџија, ниту пак да биде политичар кој што ги менува позициите од ден на ден, ниту пак да ги пере сите оние грешки кои што ги прави Зоран Заев, кога буквално ги урива сите позиции кои со децении се креирани.

„Не ја гледам улогата на Стево Пендаровски во оваа лидерска средба. Стево Пендаровски не е лидер на политичка партија. Ако е потребна поддршката на политичките партии, ние политичките партии да разговараме за нешто, тогаш се знае, треба да седнат политичките партии и да разговараат. Се знае, еве кој е тој кој што треба да ја свика таа лидерска средба, ние неколку пати до сега ја побаравме таа лидерска средба. Ако цени дека треба да седнат политичарите да разговараат на таа лидерска средба, стојам на располагање“, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека на еден таков формат, кој би бил организиран од Стево Пендаровски, нема да учествува на таква средба, бидејќи не ја гледа улогата на Стево Пендаровски во една таква лидерска средба. Доколку седнат политичките партии и дојдена е иницијатива од страна на Владата, да ќе ја прифати и ќе учествува на таква.

„Па да го видиме дневниот ред најпрвин кој ќе биде дневниот ред, прво да се случи таа лидерска средба, откако ќе се случи претпоставувам ќе има дневен ред таа лидерска средба и врз основа на тој дневен ред ќе излеземе со наша позиција да го дополниме тој дневен ред ако видиме дека тоа што е опфатено за таа лидерска средба ги содржи практично и барањата или не. Доколку не ги содржи ќе предложиме дополнување на тој дневен ред доколку и тоа дополнување се игнорира, нема да бидеме дел, не планираме кловнови да бидеме и да изиграваме циркуска атракција таму. Или ќе зборуваме за суштина или театри не ни требаат доста е. Доста е веќе, народот е уморен од тоа“, појасни Мицкоски.