Наместо хартија, пописот ќе се спробеде со електронски уреди, најави Заев

0
78

Македонија нема организирано попис 18 години, со што е единствена држава во регионот и пошироко без спроведена ваква статистичка операција. Ова дефинитивно ќе го смениме во првата половина на 2021 година, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција, на која ги презентираше проектите и програмите од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!” за 2021 година.

Потсетувам дека во Извештајот на Европската Комисија беше нотирано дека е постигнат особено добар напредок во спроведувањето на пилот фазата од пописот на населението. Затоа сме сигурни дека следува успешна статистичка операција спроведена според најдобрите стандарди на ЕУ. Имаме за цел со предлог Законот за попис, оваа статистичка операција, сега и во иднина да не се третира веќе како политичко прашање, рече Заев.

Објави дека пописот ќе чини вкупно 8,5 милиони евра.

Наместо хартија ќе има електронски уреди. Одговорите на дел од прашањата ќе се земаат од базите на податоци кои ги организиравме во изминатите три години. Пописот во 2021 ќе се спроведе – не заради тоа што премиерот Заев така рекол. И не заради тоа што Мицкоски така сака или не сака. Попис во 2021 ќе има заради тоа што развојот на нашата земја нема да биде можен без резултатите од овој попис. И заради тоа што на граѓаните, на институциите, на организациите, на бизнисот, на науката и на академијата – им требаат нови, релевантни и точни статистички податоци за нашето население, рече тој.