На просечната плата ѝ недостасуваат сто евра за да овозможи достоинствен живот на едно семејство

0
73

Вкупно околу 550 евра му биле потребни на едно четиричлено семејство за горе-долу достоинствено да го истурка минатиот месец.

Пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија покажале дека минималната кошница за ноември изнесувала 33.742 денари. Тоа е за околу 4.000 денари повеќе од две минимални плати и за над 6.000 денари повеќе од една просечна плата во државата.

Најмногу трошоци, како и обично, повлекува исхраната. Во ноември за да се прехрани и да ги купи потребните пијалаци на семејството му биле потребни 14.149 денари, што е речиси еднакво на една минимална плата и е близу 42 проценти од вкупните месечни трошоци.

Домувањето повлекува 32 процента од средствата. Или, за комунални трошоци требале да се издвојат над 8.500 денари, а за покуќнина, опрема за куќа и одржување минимум 2.260 денари, што заедно изнесува 10.808 денари. За лична хигиена и за одржување на хигиената на домот одат околу 2.400 денари, уште толку за превоз, потоа за облека и обувки 2.161 денар, за култура едвај некој денар над 1.000 денари, а за одржување на здравјето најмалку – само 716 денари, што е еднакво на 2,12 процента од вкупната вредност на кошницата.

За една година основните трошоци за егзистенција на едно четиричлено семејство се зголемиле за повеќе од илјада денари. Синдикалците пресметале дека во ноември лани месечните потреби на семејствата чинеле 32.726 денари. Месечните трошоци за храна последнава година скокнале за околу 500 денари, а за домување за 400 денари.