Опожарениот реон над езерото Младост пошумен со 12.000 садници багрем

0
52

Над 200 граѓани на Велес во саботата засадија 12. 000 дрвца во рамките на есенската акција за пошумување на опожарениот појас над езерото Младост.

Во акцијата биле вклучени и војници, пожарникари, акцијаши, службеници, советници и раководни лица, претставници на граѓански здруженија, од Општинската организација на Црвен крст, Шумско стопанство ,,Бабуна“ и други вљубеници на природата и здравата животна средина.

Како што информираат од Општина Велес, високостеблестите дрвца биле засадени за неполни три часа на изораните леи.

-Акцијата помина успешно и уште еднаш велешани покажаа и докажаа дека само заедно и сплотено може да се направи општо добро за заедницата. Ништо не е поважно од здравјето на луѓето кое се постигнува со благородна работа. И во иднина ќе продолжиме да работиме заедно на обновување и зачувување на животната средина“-изјави градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

Со 40 висококвалитетни стебла во годинешнава акција учествуваше и Лајонс клубот од Велес. Местото на кое ги засадија дрвцата, во нивна чест ќе се нарече „Лајонс парк“.

-Чест и задоволство ни е што на оваа акција учествуваме со наша донација на стебла. Се надевам дека ваквата соработка ќе продолжи и во иднина – истакна претседателот на Лајонс клубот, Ацо Ѓорѓиевски.

-Еве и ние денес со засадување на дрвца придонесуваме во обновување на шумскиот фонд на езеро Младост и се надеваме дека ова ќе биде пракса и во иднина да го правиме тоа“, потенцира гувернерот на „Дистрикт 132“, Марјан Талев.

Во акцијата за пошумување учествуваа и претставници на македонско-американската асоцијација „Алумни“, со дел од средствата што ги собраа од минатогодишниот концерт.

-Горди сме на тоа што и ние сме дел од оваа масовна акција за пошумување. Се надевам дека во иднина ова место ќе се раззелени и повторно ќе биде едно од најатрактивните туристички места не само за жителите на Велес, туку и пошироко- рече Верица Јорданова.