Основците ќе бидат повеќе во училиште, ќе учат преку истражувања и ќе имаат избор – презентирана Концепцијата за основното образование

0
94

Интегрирање на научни дисциплини за нивно продлабочено изучување, помалку задолжителни, а повеќе изборни предмети, повеќе време во училиште и фокус на формативно наместо сумативно оценување. Ова се дел од новините кои ги предвидува новата Концепција за основно образование која денеска ја презентираше Министерството за образование и наука со план да започне да се имплементира од следната учебна година.

Една од главните промени е тоа што основците ќе поминуваат повеќе време во училиште – минимално 5 часа за учениците од прво до петто одделение, од кои 3 до 3,5 часа во настава и 6 часа за учениците од шесто до деветто одделение, од кои 4 до 4,5 часа во настава. Останатиот дел од времето основците би го поминувале во воннаставни активности, или пак во подготовки за натпревари и дополнителна настава.

„Новата Концепција за основното образование ќе ги подготви нашите деца за сите идни предизвици. Ќе им помогне да ги развијат своите компетенции, да станат успешни во својата професија, но исто така ќе им овозможи да ги откријат своите таленти и интереси, да растат како индивидуи за да изградат подобро општество за сите нив и за сите нас“, посочи Министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Новата Концепција предвидува 8 задолжителни предмети, а останатите предмети би биле целосно на избор на учениците. Од втор странски јазик, покрај англискиот, или пак избор на албански јазик, па до повеќе категории предмети кои се или не се дел од задолжителните предмети, области кои го поддржуваат личниот и социјалниот развој на децата или пак се од спортско-рекреативен карактер. Така, на пример, учениците ќе можат да избираат меѓу предмети како програмирање, сликање или цртање, сексуално образование, фотографија, танцување, готвење, фудбал, кошарка, пинг-понг, планинарење, јога и слично…

Една од главните новини е тоа што Концепцијата предвидува комбинирање на повеќе научни дисциплини, кои досега се изучуваа посебно. Па така се предвидува групирање на предметите биологија, хемија, физика и дел од физичката географија во еден предмет – природни науки, додека предметите историја, дел од географија и граѓанско образование би се здружиле во друг предмет – општествени науки. Исто така предметите музичко и ликовно би се здружиле во уметничко образование, а техничкото образование и информатика би требало да се спојат во еден предмет – техника, технологија и информатика.

Експертите кои ја подготвуваа Концепцијата потенцираа дека ваквото комбинирање би подразбирало темата која обединува повеќе различни научни дисциплини наставниците заеднички да ја планираат и дека оваа промена нема да значи дека одредени досегашни предмети би исчезнале, туку би се зајакнале и подобро би биле сфатени од учениците.

„На пример ако е темата „заштита на животната средина“, од биологија тие би учеле за влијание на човекот врз животната средина, од хемија ќе учат за загадување на животна средина, од физика би учеле за обновливи извори на енергија и слично. Но, тоа не би значело дека тоа ќе се учи сè во еден час. Еден час ќе биде составен со содржините од биологија, друг час со содржини од хемија… Овој концепт бара континуирана соработка помеѓу наставниците во стручните активи. Наставниците по биологија, хемија и физика ќе седнат и заеднички, како што го договараат планирањето на часовите, ќе го договараат и оценувањето“, рече професорката Виолета Петроска Бешка.

Новата Концепција истовремено става и фокус на формативно, наспроти сумативно оценување со јасно поставени критериуми. Редовно ќе се обезбедуваат информации за постигнувањата на учениците преку државно тестирање, а редовно ќе се учествува и во меѓународните тестирања за математичката писменост, природните науки, читањето со разбирање и други тестирања.

За наставниците се предвидува систем на кариерен развој, а при презентирањето на Концепцијата беше напоменато дека ниту еден наставник нема да го изгуби работното место поради промената во предметите.

Министерката потенцираше дека Концепцијата во моментов е во фаза на јавна дискусија, а по нејзино усвојување ќе следува процес на изработка на наставни програми, а на крај и наставни материјали за секоја од програмите.

„Наставните програми ќе се пишуваат од страна на сите релевантни чинители кои треба да се занимаваат со посебните предмети и теми кои ги предвидува оваа Концепции. Преку јавен повик од страна на Бирото за развој на образованието ќе бидат вклучени универзитетски професори, професори од настава. Во моментот кога ќе постои наставна програма, тогаш ќе се пристапи кон подготовка на наставни материјали. Ние сега носиме концепт за учење во нашата држава која ја креираат педагози и психолози и тие се најрелевантни за да можат да го создадат современиот концепт на образованието во нашата држава. Нема потреба од грижа на ниту една од научните дисциплини. Сите ќе бидат вклучени во создавањето на следните документи кои ќе значат затворање на процесот на подготовка на новиот начин на учење во основното образование“, рече Царовска.

Како што истакна Царовска, новиот концепт би требало да стартува од следната учебна година за учениците од прво и шесто одделение и потоа секоја следна година би продолжувал во останатите одделенија, за на крај целосно да се промени образовниот систем во период од пет години.

Радио Моф