Пациент нападнал доктор од Итната медицинска помош додека тој му го запирал крварењето од главата

0
118

Доктор вработен во Итната медицинска помош, завчера бил нападнат од повреден пациент во моментот додека му пружал помош. За случајот информираше и Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што ги преземаат неопходните мерки за овој случај.

Според информациите, по добиениот повик за интевренција, екипата на Итната медицинска помош која била дежурна во пунктот во Чаир, се упатила на локација кон булеварот „Втора македонска бригада“, каде што имало пријава за лице кое паднало и крварело од глава. Екипата веднаш се упатила на местото на настанот, лоциран бил пациентот, при што екипата започната да му ја дава потребната помош и нега. За време на интевенцијата, повредениот вербално и физички го нападнал докторот удирајќи го со лакт во пределот на стомакот, при што докторот изгубил рамнотежа и удрил во инвентарот во просторијата.

Докторот се упатил кон излезната врата заедно со останатите членови на Итната медицинска помош, при што пред влезот на зградата нагло му се слошило. Видно потресен од настанот повраќал обилно, а во меѓувреме полицијата веднаш била известена за настанот која за кусо време дошла на терен.

Повредениот пациент бил совладан и со друга екипа на Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентен центар да му се санираат повредите на главата. Дополнителна екипа на Итната медицинска помош го однела докторот во „8 Септември“, каде што биле констатирани повредите и каде што му била пружана соодветна нега.

Многу често здравствените работници и медицинскиот персонал се мета на вербални и физички напади од пациенти. Здравствените власти, синдикатите и здравствените асоцијации, постојано апелираат дека е крајно време да се преземат поголеми мерки за заштита на медицинските лица и да се казнуваат оние кои ги вршат нападите.

Минатата година, со транспаренти на кои пишуваше „Доста е!“, стотици доктори, сестри и други вработени лица во јавни здравствени установи, го искажаа својот револт од насилството што го трпат од пациентите, a кое е зачестено во последните месеци. Протестот го поддржа и министерот Венко Филипче, кој тогаш кажа дека пациентите и здравствените работници се на иста страна, дека треба да се врати довербата во системот и дека се преземени конкретни мерки со мобилна полициска патрола на најкритичните јавно-здравствени установи, за да не се случуваат вакви инциденти.