Празници во карантин, Европа се затвора – со полициски час се спречуваат собирите

0
78

Германските граѓани побрзаа да го завршат празничниот шопинг. Тамошните власти најавија дека ситуацијата во врска со пандемијата на коронавирус во земјата е крајно сериозна и дека пред Божиќ на сила ќе стапат мерки досега невидени во историјата на Германија.

„За мене Божиќ е љубов и нема потреба од никакви подароци. Поважно ми е да бидам со семејството, тоа е Божиќ. За жал оваа година тоа е забрането, и тоа е многу тажно“, истакна жител.

„Мораме малку да побрзаме затоа што од утре сè е затворено. Тажно е, но како е така е. Искрено, можеа да го сторат тоа порано, а не само пред Божиќ кога луѓето се под стрес и немаат време. Тоа е малку тешко, но ќе се снајдеме“, вели жител.

Германскиот претседател предупреди дека ситуацијата е пред излегување од контрола и најави воведување на драстични мерки од среда.

„Вирусот е сè уште многу присутен. Затоа од среда ќе воведеме рестриктивни мерки што не се видени во историјата на нашата сојузна држава. Ситуацијата е многу сериозна. Се соочуваме со пандемија што избега од контрола и одзема илјадници животи секоја недела. Значи, нема начин да се избегнат драстичните мерки“, истакна Франк Валтер Штајнмајер.

Канцеларката Меркел изјави дека „лесното заклучување“ во Германија ќе продолжи до 10 јануари.

„Поради божиќниот шопинг, бројот на контакти дополнително се зголеми и затоа мора да примениме построги мерки. Свесни сме дека тоа ќе има големо влијание, но мора да го спречиме притисокот врз здравствениот систем“, посочи Ангела Меркел.

Холандија и Чешка ќе ја следат Германија со воведување на второ големо затворање за време на празниците. Холандскиот премиер Марк Руте објави дека сите несуштински продавници и бизниси, теретани, музеи, кина и театри ќе бидат затворени на пет недели, а до 19 јануари нема да работат и училиштата. Рестораните и хотелите во Чешка повторно ќе бидат затворени од овој петок, собирите се ограничуваат на само шест луѓе, а полициски час ќе биде на сила од 23 до пет часот.

Премиерот на Италија, Џузепе Конте, им порача на Италијанците да очекуваат потрезен Божиќ, без собири, божиќни пазари и со полициски час. Шпанската влада планира „поразличен“ празничен период со дозволено ограничување од шест лица на забава. Се препорачува социјалните собири да се одржуваат на терасите на рестораните или на другите надворешни локации.

Помалку различна не е ниту ситуацијата во регионот. На три часа пред дочекот на Новата година, Турција ќе влезе во целосен „локдаун“ кој ќе трае до утрото на 4 јануари.Одлуката ја соопшти турскиот претседател Ердоган по состанокот во неговиот кабинет. Тој нагласи дека ќе има наредба за останување дома која ќе стапи на сила на 31 декември во 21 часот. Грчките власти соопштија дека рестораните и училиштата ќе бидат затворени до 7 јануари, а ќе има и полициски час од 21 до 5 часот. Рестрикциите за движењето меѓу регионите ќе бидат во сила до следниот месец. И во Србија се зборува за воведување на полициски час за Нова година, додека пак во Хрватска ќе се анализира состојбата пред да се донесе одлука за заострување на мерките.

Досега вкупниот број на лица заразени со новиот коронавирус во светот надмина 70 милиони, покажуваат најновите податоци на Светската здравствена организација, додека бројот на смртни случаи од последиците предизвикани од вирусот надмина 1,67 милиони.