Прославите во викендички „трн во око“ на МВР

0
64

Издавањето викедички е кривично дело. МВР најавува дека ќе врши засилени контроли, граѓаните се чудат по кој закон ќе може полицијата да влегува во приватни домови

Од утре стапуваат на сила новите рестриктивни мерки коишто ги донесе Владата на Северна Македонија со цел спречување на ширењето на пандемијата во пресрет на новогодишните и божиќните празници. Дел од мерките се однесуваат и на прославите за новогодишната ноќ. Надлежните апелираат да се прославува дома и во кругот на семејството, поради што кафеаните ќе мора да затворат до 18 часот, на плоштадите ќе бидат забранети масовни собири и прослави, а најголеми реакции во јавноста предизвика најавата дека ќе фрчат казни за оние коишто ќе одлучат групно да прославуваат во изнајмени викендички.

Издавање викендички – кривично дело

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека полицијата ќе врши засилени контроли од наредната недела, но и во текот на новогодишната ноќ. На удар ќе бидат оние коишто ќе издаваат, како и оние коишто ќе изнајмуваат викендички, во кои масовно ќе се собираат за прослава на празниците. Граѓаните се прашуваат според кој закон полицијата ќе има ингеренции да влегува во приватни домови за да врши контрола за празниците. Министерот вели дека не е кривично дело ако се изнајми викендица на едно семејство, но е кривично дело против здравјето и животот на граѓаните ако се изнајмува на групи луѓе.

„Нема никаква забрана за издавање викендици на семејства и едно семејство да може да биде во некоја викенд куќа каде било на територијата на нашата земја, меѓутоа секако дека е кривично дело издавање викендица на групи на луѓе“, вели тој. Според Спасовски, не е идејата да се донесе одлука дека рестораните и хотелите не можат да работат по 18 часот, а од друга страна да се отворат нови такви објекти во околината на Скопје, претежно во Сопиште, Маврово, Охрид, Струга или во кое било туристичко место. „Зошто би била забраната за рестораните и хотелите ако тоа некои може да го прават во викендиците? Превентивно реагираме уште сега до издавачите на викендици да знаат што ги очекува“, вели Спасовски