Секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија

0
70

Секое трето дете во државата живее во сиромаштија, а се проценува дека дополнителни 16.000 деца ќе паднат под прагот на сирмаштија поради кризата од пандемијата со Ковид-19, се вели во алтернативниот извештај на невладините организации за состојбата со правата на децата во Македонија.

Во извештајот исто така се наведени низа пропусти на институциите со кои се загрозуваат основните права на децата во државата.

Самиот факт што 1500 деца немаат извод од матична книга на родени нив ги става во позиција да бидат лесен плен на киднапери и да бидат жртви на трговија со луѓе и да бидат продадени заради нивните органи, а никој во државата не сносува одговорност што овој елементарен проблем не е решен.
Во извештајот исто така се спомнува и отсутноста на институциите во грижата за децата.

„Паричната вредност на социјалните надоместоци е премногу ниска, додека постоечките услуги за социјална грижа и поддршка се недоволно развиени и не обезбедуваат адекватен животен стандард за децата“, стои во извештајот во кој се додава дека најчесто за децата кои живеат во сиромаштија намест институционална грижа се обезбедува помош преку хуманитарни организации.

Друг многу важен проблем е и тоа што многу деца се оставени надвор од образовниот процес заради тоа што од страна на институциите не есе најдени адекватни решенија.

Пример за ова е и тоа што моментално огромен број на деца не можат да следат онлајн настава бидејќи нивните семејства не се во можност да им купат електронски уред кој ќе ја поддржува платформата за онлајн настава па така да бидат на исто рамниште со нивните врсници.
Ова се коси со денешната изјава на министерката за образование, Мила Царовска по повод Денот на човековите права во која меѓу другото вели: „Секое дете мора да има право на образование, квалитетно, навремено, достапно, со еднакви можности, за да прерасне во граѓанин и граѓанка и со моќта на знаењата да постигне личен и општествен развој. Горда сум што и во време на пандемија, во многу тешки услови за децата, родителите и наставниот кадар, овозможуваме наставата да продолжи и да биде достапна за сите ученици.“

Во извештајот се констатира токму спротивното и вели дека Изминатите образовни реформи вообичаено не се базираа на системски пристап и се одвиваа без консултација на главните чинители во образовниот систем (наставниот кадар, децата и родителите), поради што истите не ги постигнaa во целост предвидените цели.