Со изјава на тројца сведоци до македонско државјанство?!

0
73

Низа контроверзии и рекации предвика предлогот на група пратеници од Алијанса за Албанците и Алтернатива, за олеснување на условите за стекнување на македонско државјанство, кој со поддршка на владејачките партии ја помина првата фаза и ќе се разгледува во скратена постапка.

Со предложените измени, наместо најмалку осум, услов за стекнување на државјанство ќе се исполнува со престој на странци од најмалку четири години на територија на државата. Се предлага и државјанство да се добие со тројца сведоци кои ќе потврдат дека лицето живеело во Македонија пред независноста, а наместо услов да биде познавање на македонскиот јазик како што е сега – да се дефинира како “познавање на најмалку еден од службените јазици во државата”.

Зијадин Села кој е еден од потпишаните предлагачи на измените, тврди дека единствената цел е рамноправност на граѓаните кои живеат овде.

Но, во декларираните искрени намери на Села не веруваат пратенци и од власта и од опозицијата. Павле Трајанов од Демократскиот сојуз вели дека ваквите идеи се неосновани и може да резултираат со меѓуетнички тензии.

Против се и пратениците од Левица кои се сомневаат во скриени намери за одобрување на државјанства на лица од соседните земји кои не живеат во земјава. Велат дека никаде во светот нема такви услови за државјанство како предложените, и најавија амандмани на комисиската расправа.

Од надлежното Министерството за внатрешни работи досега нема одговор каков е нивниот став за предложените измени. Инаку, според постојниот Закон за државјанство како главни предуслови за стекнување на државјанство се: потекло, раѓање на територија на Македонија, природување и меѓународни договори.