Успеал да извлече над 16 милиони денари со лага дека неговата фирма извршила градежни услуги за друга компанија

0
106

Управата за финансиска полиција до скопското Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Х.О., во својство на управител на фирмата АТ-СИ ГРОУП ДООЕЛ Скопје, како и против три други физички лица и веќе споменатото правно лице, поради сомнение за сторени кривични дела измама, фалсификување и уништување деловни книги и помагање.

Како што информираат од финансиската полиција, пријавениот Х.О. во својство на сопственик и управител на пријавената фирма, со цел да стекне противправна добивка, со свој потпис и печат заверил фактура и договор со невистинита содржина за наводно извршени градежни услуги за потребите на скопската подружница на компанијата „Ачтор АДТ“ Грција.

Меѓутоа, помеѓу двата правни субјекта не постоел реален должничко-доверителски однос, а Х.О. сепак повел предлог за издавање решение за нотарски платен налог врз основа на неверодостајна фактура.

Притоа го довел во заблуда извршителот Васко Блажевски да донесе решение за извршување, врз основа на кое во 2019 година е спроведено неосновано извршување од банкарската сметка на „Актор АДТ“ Грција – Подружница Скопје.

На тој начнин ријавениот Х.О и неговиот правен субјект се стекнале со противправна имотна корист во износ од 16.605.000 денари, за кој износ ја оштетил компанијата „Актор АДТ“ Грција – Подружница Скопје.

Со цел да се прикријат трагите од сторените кривични дела, пријавениот Х.О., во својство на управител на АТ-СИ ГРОУП ДООЕЛ Скопје, потпишал и со печат заверил поединечни договори за вршење на услуги со тројцата пријавени со иницијали С.З., Ж.З. и И.П. за наводно извршени услуги за превод, изработка на проекти и средување на документација.

Врз основа на ваквите договори, на пријавените физички лица, без воопшто да извршат било какви услуги за потребите на неговата фирма, Х.О. во текот на 2019 година им префрлил дел од неосновано наплатените средства во износ од 5.830.965 денари, кои средства потоа од страна на пријавените се подигнати во готово.