Хаос во Тирана: Спречена толпата да упадне во зградата на Владата,повредени полицајци )

0
107

Полицијата спречи упад на демонстрантите во зградата на владата.

Демонстрантите организираа протест и покрај дождот, масовно кршејќи ја забраната за собирање на повеќе од десет лица наметнати поради пандемијата.

Медиумите јавуваат дека демонстрантите фрлале разни предмети кон полицајците и кон зградата на Министерството за внатрешни работи.

Во судирите што се случија додека тие се обидуваа да влезат во албанската влада, каде што има кабинет премиерот Еди Рама, полицијата употреби солзавец.

Претставник на полицијата во Тирана изјави дека најмалку девет полицајци се повредени и дека демонстрантите оштетиле неколку полициски возила, пренесе АП.

Демонстрантите тврдат дека протестот не е политички, но меѓу насобраните можело да се забележат и приврзаници на албанската опозиција.

Клодијан Раша бил застрелан синоќа откако не одговорил на повикот на полициските службеници да застане поради кршење на ноќниот полициски час.

Неговата сестра Сибора на локалната телевизија изјави дека нејзиниот брат излегол само да купи цигари, недалеку од куќата, а полицаец пукал кон него и го убил.

„Ние сакаме да знаеме зошто е убиен мојот брат, зошто неговата крв е на улицата“, рече сестрата на убиениот Раша.

Додека протестите продолжуваат, премиерот на Албанија, Еди Рама, е во САД на состаноци со претставниците на компанијата „Фајзер“, со која се обидува да постигне договор за набавка на вакцината.

Ограничувањата на јавни собири, задолжително носење заштитни маски и ноќен полициски час се воведени во Албанија поради пандемијата.