Светот го доживеа најжешкиот ноември досега

0
85

Светот го доживеа најжешкиот ноември досега, додека Европа ja имаше најтоплата есен, според алармантниот извештај на Службата за климатски промени на Европската унија Коперникус, објави Си-Ен-Ен.

Температурите биле највисоки досега во голем регион низ северна Европа, Сибир и Арктичкиот океан, каде што мразот беше на второто најниско ниво досега видено во ноември.

Во САД, Јужна Америка, јужна Африка, Тибетската висорамнина, источен Антарктик и поголемиот дел од Австралија, исто така, се забележани температури над просекот.

На глобално ниво, ноември беше скоро 0,8 степени Целзиусови над просекот за 1981-2010 година и 0,1 степен Целзиусов повисок од минатата година.

Податоците на Коперникус покажуваат дека 2020 година би можела да биде најжешката година што е забележана. Таа е на исто ниво со 2016 година, најтопла година досега, и веројатно ќе го изедначи рекордот или ќе го надмине маргинално освен ако живата не падне овој месец.

Во годишниот извештај за климата на Светската метеоролошка организација (СМО) минатата недела се вели дека 2020 година би можела да биде една од трите најтопли години што биле забележани, веднаш по 2016 и 2019 година.

Додека податоците за декември ќе бидат одлучувачки, скоро е сигурно дека 2020 година ќе биде најтопла календарска година за Европа, објави Коперникус. Периодот јануари-ноември бил потопол за 0,5 степени Целзиусови од тој период во 2019 година – најтоплата регистрирана година – и најмалку 0,4 степени потопол од истиот период во која било друга година.