Косово и Израел ќе воспостават дипломатски односи на 1 февруари

Во понеделни, на 1 февруари Косово и Израел ќе и официјализираат дипломатските односи, соопшти Министерството за надворешни работи на Косово.

Во соопштението на косовското МНР се наведува дека договорот за воспоставување дипломатски односи ќе го потпишат шефицата на косовската дипломатија Мелиза Харадинај-Стубла и нејзиниот израелски колега, Габриел Ашкенази, на виртуелна свечена церемонија.

Министерката Харадинај-Стубла преку видео-порака по овој повод оцени дека, со признавањето од страна на Израел, „Косово влегува во една нова историска етапа“.

Признавањето на косовската независност од страна на Израел беше договорено со посредство на официјален Вашингтон, на 4 септември минатата година во Белата кука кога Косово и Србија потпишаа договор за економска стабилизација.

Потписниците на договорот, косовскиот премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ, на средбата со тогашниот американски претседател Доналд Трамп, објавија дека го признаваат Ерусалим за израелска престолнина, односно дека во тој град ќе бидат сместени нивните дипломатски претставништва во иднина.