Османи за „То Вима”: Не постои силна Европа без силен Балкан

0
32

Не постои силна Европа без силен Балкан, успешен Балкан е Балканот интегриран во ЕУ. Стабилизацијата на ЕУ може и мора да се направи заедно со европската стабилизација на Балканот, вели министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи во интервјуто за грчкиот весник „То вима”, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за европската перспектива на регионот, Османи истакнува дека е „геостратешка инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа, базирана на заеднички вредности и стандарди”, но и дека ЕУ интеграцијата е „најлесна и најевтина инвестиција за безбедност и стабилност” во Унијата.

Министерот за надворешни работи потенцира дека, сепак пристапните разговори со ЕУ не би требало да се претворат во преговори со Бугарија и додава дека разговорите со Софија продолжуваат за надминување на разликите.

-Градиме пријателства, тоа е нашата автентична карактеристика. Но, никогаш немаме посегнато по работи што не се наши. Ние сме светол пример за добрососедски односи. Немаме создадено проблеми и никогаш не бевме проблемот. Носиме решенија. Ова е менталитетот на победа. Разговорите со Бугарија се континуирани и ќе продолжиме за да најдеме начин да ги надминеме разликите, но пристапните разговори не би требало да се претворат во преговори со Бугарија, објаснува Османи, во интервјуто за денешното издание на „То Вима”, пренесе МИА.

За средбите во Атина со грчкиот државен врв, вели дека новата година ја започна со успешна посета на Грција, „која претставува доказ за одличните односи и соработката”, а постојат искрени намери за поставување на темелите „за градење подлабоко и долготрајно пријателство меѓу двете земји”.

-Како директен сосед и членка на ЕУ, верувам дека принципиелната поддршка на Грција за почеток на нашите пристапни преговори без одлагање е исклучително важна. Секогаш велев дека економијата и бизнисот мора да ги водат нашите односи, но наша обврска е преку политичка соработка да создадеме услови за дополнително унапредување на трговијата, туризмот и инвестициите како најважна и опиплива придобивка за нашите граѓани, вели шефот на дипломатијата и додава дека економската соработка, енергетскиот сектор и поврзаност се главните области на засилената соработка меѓу двете земји врз основа на Акциониот план.

Поконкретно, ги објаснува можностите за енергетска соработка, споменувајќи ја можноста Македонија преку гасоводот со Грција да обезбеди пристап до гасоводот ТАП, но и до течниот природен гас на ЛНГ преку Александруполи за кој вели дека може „да стимулира влез на компании за трговија со природен гас на пазарот на Македонија”, нешто што ќе ја „зајакне конкуренцијата и одредувањето на цените преку слободниот пазар, што ќе обезбеди одржливост на секторот за природен гас”.

За Договорот од Преспа и неговата имплементација кај нас, вели дека повеќето од обврските веќе се исполнети, а за забечешките од грчка страна дека не е целосно спроведен, Османи вели дека постојат примери, но се должат на „објективни причини или бирократско доцнење”.

-Договорот од Преспа е пример и модел за начин на решавање на отворени прашања меѓу две соседни земји, пред сѐ преку создавање доверба и пријателство, кои подоцна се претворија во сојузништво и партнерство. Веднаш штом договорот стапи во сила, Република Македонија започна да ги имплементира одредбите и би можел да кажам дека повеќето од нашите обврски се исполнети. Секако постојат примери кои произлегуваат од објективни причини или од она што јас би го нарекол бирократско доцнење, објаснува министерот за надворешни работи на Македонија во интервјуто за „То Вима”