ГРАДОТ

0
305

ГРАДОТ
ПИШУВА НЕБОЈША АРСИЌ

Измачувачки тешко е веќе да се пишува за градот. Ама и тој е уморен од нас. Еве не знам што би било тоа кое би не помирило. Ние такви какви што сме, а градот накостршен гледа во нас и често е без зборови. Некогаш помислувам што би ни рекол тој доколку имаше свое право да каже нешто. Претпоставувам многу би зборувал. Не знам на кого би се обраќал, ама секако би го споменал минатото, би го споменал убавиот период од неговото постоење, и би сопрел да се расправа во моментот кога ќе му дојде сегашноста да ја критикува. Би престанал. Не може веќе и тој да ни укажува. Зарем не го разбираме и додека молчи? А на кого да укажува и кога би говорел?
Јас знам дека многу би му верувал.

Во последниве години градот претрпе многу промени, се променија повеќе градоначалници, поминаа многу избори.

Кога се навраќам наназад низ годините, се сеќавам на едно поубаво Тетово, град кој важеше за симбол на добра вода и свеж воздух. Да. Помладите ако го читаат ова може и да се потсмеат на ова, ама е вистина. Јас сум сведок на тоа.
Така живеејќи во градот сфатив само дека градот е јавнат од некои сопственици, кои не го пуштаат од рацете кои грабаат и гребаат. Гребаат во спомените, гребаат во личноста на градот, гребаат во пристојноста. Не би споменувал кривци иако повеќето ги знаеме.
Ни следат локални избори.
Избори во кои тетовчанецот на нив гледа само како про форма од која на крајот останува бледилото кое за некого сјае. И знаеме за кого сјае. Впечатокот на граѓанинот е следствен на децениското промашување и бесцелно тркалање на градот низ бездната. Има ли враќање назад, има ли разобнова на спомените?

Последниве 3-4 години градот малку како да почувствува функционална шкрга, додека се дави во длабочините на непопустливата ајкула. Колку и да звучи надежно или претендециозно, намерата ми е да звучам спасувачки. Полека градот почнува да се враќа онаму од каде дошол. На воздух, на копното.
Сега сигурно се прашувате што е тоа што толку ме навело да изјавувам и докажувам спас за нешто веќе одамна отпишано. Знам повеќе не ви се слуша за градски власти и излитени фрази пред избори. Доволно се „покажаа“. И би се сложил до некаде со нормалното одбивање од ваша страна, ама пак, секогаш сакам да го истакнувам светленцето во темницата која почнува да ја светли и за миг ја прозрачува истата. Е токму тоа светленце почна да свети ама не привремено, почна да засветува и кога околу него постојат многу згасувачи, и кога многумина мислеа дека ќе прегори од лажен жар, тоа опстојува и најавува пролет. А на пролет доаѓа сонце. Далеку е сонцето онолку за колку мислиме дека е оддалечено. Ама мора да грее и свети и патем да веруваме во светлината која ја дава.

Сега конкретно што е светлината во градот?

Би започнал со набројување на некои нешта кои му се случија на градот, не само како градба туку и како подвиг и успех. Последниве години за првпат во нашиот град се привршува базен. Покрај него има нова обиколница која не престанува со градба и понатаму. Потоа имаме реконструирана Гимназија, среден простор пред гробиштата, целосно рехабилитиран, нов пат до Попова Шапка. Следат довршување и рехабилитација на улиците Благоја Тоска и Гоце Делчев.
Оваа зима после многу години конечно подишивме чист воздух благодарејќи на заменетите стари грејни тела за нови клима уреди. И сето ова со помош од централната власт. Помош за воздиг на Тетово.
Тоа се всушност работите кои ги гледам како градби и промена на лицето на градот, бар малку. Кога сме кај успесите, нормално прва на која се сетив е пренамената на постојниот АРМ објект во Музеј на тетовски крај. Само замислувам коку култни случувања ќе се случат токму на тоа урбано место. Место кое ќе прави без дилема споменар на младите и воопшто на тетовчани. Не би завршил тука со успесите, и би ја споменал прославената книга на нашиот сограѓанин Гавро, насловена како Тетовски говор. Брзината на славата на книгата впрочем покажува за љубовта и почитта на минатото и сегашноста на тетовчани кон својот град. Ајде со ваква љубов да продолжиме да го градиме целиот град, цело Тетово.

На крајот, нема да споменам ниту збор за изборите и гласањето. Тетовчанецот знае што да прави. Умен е тој!