Државата им најде работа на 1.300 административци кои седеа дома

0
222

Новите решенија за работа ќе им бидат доделени на рамковно вработените во наредните неколку дена. Дел од нив ќе добијат откази, ако не прифатат да одат на работа

Над 1.300 административци наскоро ќе почнат да одат на работа, откако државата го усвои планот за распределба на рамковно вработените. Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби најави дека новите решенија за работа ќе им бидат доделени на административните службеници во наредните неколку денови. Груби посочува дека органите на државната администрација се должни на административните службеници кои ќе ги прифатат во нивните институции да им овозможат стручна обука со цел да ги подобрат нивните знаења и вештини.

Според соопштението од кабинетот на вицепремиерот, Министерството за финансии веќе има дадено согласност за планот за систематизација на административните службеници. Министерството за информатичко општество и администрација пак, е задолжено во рок од седум дена од приемот на актите за систематизација на овие административни службеници, во рамки на своите надлежности да ја заврши постапката за согласност за работните места каде што ќе бидат сместени овие административни службеници

„Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е должно во рок од 15 дена по усвојувањето на Планот да изготви индивидуални одлуки за секој административен службеник што ќе биде систематизиран во органите на државната администрација”, се вели во соопштението. Агенцијата за вработување врз основа на решението за распоредување треба да направи одјава на административните службеници од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и да ги пријави на нивните нови работни места.

Со планот кој го усвои Владата, опфатени се вкупно 1.349 вработени според К5 програмата кои ќе бидат распределени на конкретни работни задачи во 237 институции. „Целта на Планот е вработените да бидат распоредени во друга институција од јавен сектор во соодветно место на исто ниво односно на работно место за кое вработениот ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот за систематизација на работни места во институцијата во која се распоредува“, информираат од Владата. При изработка на планот земена е во предвид моменталната состојба на соодветна и правична застапеност на етничките заедници во институциите кои треба да преземат вработени, потребата од зголемување на бројот на човечки ресурси во тие институции, како и моменталните слободни работни места во тие институции.