Мицкоски: Ако власта ги отфрли потписите против пописот, ќе повикаме на масовно попишување

0
104

Тврдењето на Радмила Шекеринска дека вакцините не се донесени за да не се тестираат на македонските граѓани е тотално апсурдно и вон здравиот разум, бидејќи додека граѓаните на околните земји се вакцинираат македонските чекаат вакцини, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Канал 5.

-Владата нека не се споредува со земји кои не се членки на ЕУ и не добиле вакцини, туку нека се спореди со оние земји кои не се членки на ЕУ, а сепак кај нив отпочна вакцинацијата. Најблизок таков пример е Србија. Токму затоа, ваквите празни флоскули од типот на оние на Шекеринска не палат кај народот. Граѓаните имаат сериозна потреба од вакцините и тие мора да бидат набавени час поскоро, а не да слушаме на телевизија приказни за мали деца – рече Мицкоски.

Тој додаде дека се надева дека власта ќе ја прифати иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на законот за попис со собирање на потписи, а доколку тоа не се случи ќе апелира до граѓаните масовно да се попишуваат.

-Не очекувам дека таков политичар имаме во парламентот кој ако се потпишат над 100.000 граѓани истите нема да ги сметаат, и ако тоа некој го одлучи значи дека директно прифаќа партиска наредба и ако тоа не е политизација и партизација на операција која треба да биде статистичка не знам што е – вели Мицкоски.

Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ ја заврши 2020 година со интензивни протести пред Владата, но, како што порача, во оваа 2021 година тоа ќе го прави СДСМ во опозиција.