МНР ГО ОСУДИ ПАЛЕЊЕТО НА БУГАРСКОТО ЗНАМЕ, ПОЛИЦИЈАТА ТРАГА ПО ЛИЦЕТО КОЕ ГО ЗАПАЛИ ЗНАМЕТО

0
72

Министерството за надворешни работи го осуди палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани оценувајќи го како штетен по угледот на државата.

– Вековна традиција не смее да биде загрозена преку активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, особено нашите соседи. Го осудуваме палењето на знамето на Република Бугарија на Карневалот во Вевчани, чин кој не само што го нарушува реномето на Карневалот туку и нанесува штета на угледот на Република Македонија, се наведува на фејсбук-профилот на Министерството за надворешни работи.

Полицијата го утврдува идентитетот на лицето што го запали знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани, по што ќе му поднесе пријава. За ова кривично дело е предвиден затвор од една до пет години.

На 14.01.2021 година во 15 часот при дефилирање на василичарските маски во селото Вевчани, Струшко, лице кое било дел од василичарските маски во рака држело знаме на Република Бугарија, кое што при традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, го спуштило во запалениот оган и го запалило. Настанот е документиран и по утврдување на идентитетот на лицето против него ќе биде поднесена содветна пријава – велат од МВР за „Слободен печат“.