Нов посилен потрес во Петриња

0
123

Хрватската сеизмолошка служба во четвртокот малку по 12 часот регистрирала доста силен потрес со магнитуда од 3,8 според Рихтер со епицентар шест километри од Петриња, градот кој неодамна тешко настрада во земјотресот со магнитуда над 6 и во кој имаше најмалку седум жртви.

Интензитетот на земјотресот во епицентарот кај селото Страшник бил од V степен на EMS скалата, објави Сеизмолошката служба на Хрватска на својата официјална веб-страница.

Станува збор за уште еден во низата посилни и силни земјотреси кои се забележани на подрачјето на Сисачко-мославинската жупанија, во јужниот дел на централна Хрватска.

Изминатата ноќ почвата во ова подрачје повторно силно се тресеше, а во 18,01 часот во средата силен земјотрес со магнитуда од 5,0 по Рихтер ја погоди Петриња.

Од разорниот потрес кој ја погоди оваа област на 29-ти декември 2020-та, сеизмолозите бележат повеќе десетина потреси дневно во областа на Петриња, Сисак и целата жупанија.

Сеизмолозите и претходно предупредија дека по силниот земјотрес со магнитуда од 6,2 може да се очекуваат посилни пропратни потреси.