Петтиот економски пакет е 50 милиони евра, помош очекуваат и работодавачите и работниците

0
69

Стопанството сака активно да учествува во креирањето на мерките од петтиот економски пакет на државна помош, кој според најавите на министерот за економија Крешник Бектеши, ќе изнесува 50 милиони евра и ќе започне да се реализира во февруари.

Бектеши обелодени дека приоритет ќе имаат малите фирми, а за тоа ќе биде потребно да се изгласа уште еден закон за финансиска поддршка.

Според она што го најави министерот, мерките и ќе бидат таргетирани секторски каде пандемијата имала најголемо влијание на намалување на приходите и на отпуштање на работници.

„Сите мерки и предлози ќе бидат дискутирани со стопанските комори, ќе ги собереме сите предлози кои доаѓаат од различни институции, вклучително и на Министерството за економија и на почетокот на февруари, во согласност со нашите планови и динамика ќе излеземе со мерките и ќе почнеме да ги реализираме” – изјави Бектеши во своето последно телевизиско гостување.