Револтот за јавната соба расте, најавени се протести

0
79

Со протест в среда ќе се бара институционален одговор за скандалозната група „Јавна соба“. Граѓаните на протестен марш ќе им дадат поддршка на жртвите, но и ќе се бараат соодветни казни за администраторите на групата, но и за сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лично податоци од девојки.

Корисниците на социјални мрежи потпишуваат и онлајн петиција со која бараат заштита за жртвите. Граѓаните кои ја отворија иницијативата за собирање потписи велат дека ќе достават претставка до Јавното обвинителство, но и до Народниот правобраните.

Психолозите велат дека потребна е зацврстување на регулацијата за да се превенираат злоставувања на интернет. Жртвите можат да имаат големи последици поради објавувањето на нивните лични податоци и фотографии. Нивните најблиски, семејството и пријателите треба да ги поддржат и прифатат за полесно да се справат со вината и срамот, кои се најчести чувства кои се јавуваат кај нив. Но освен најблиските, дури и девојките кои јавно проговорија можат позитивно да влијаат на останатите.

-Соочувањето со срамот и вината, нели кога сето тоа ќе се изложи јавно и тек како може многу да помогне на девојките кои што поминуваат низ такво искуство. Видовме дека кога излезе еден случај, дури и ова што се случи во Србија, го истригира целиот момент да многу жртви се отворат во таа смисла. Тоа може да биде позитивен ефекет и да не насочи како општество, бидејќи тоа е и институционален проблем, работите да се решаваат и да се донесе некаква законска регулатива, вели психолот Дора Попова Узуновски.

Групата на Телеграм во моментот е затворена, но министерот Спасовски предупреди дека постои слична група каде корисниците објавуваат порнографска содржина. Вчера приведени беа четири лица кои објавувале фотографии и видеа во групата.

Во меѓувреме, Правниот факултет се понуди за бесплатна правна помош за жртвите. Понуди за помош и поддршка дојдоа и од 30-тина психолози.