ССМ: За основни месечни потреби не се доволни две минимални плати

0
62

Две минимлани плати не го крпат едно македонско четиричлено семејство. Од Сојузот на синдикати пресметале дека за да се помине месецот, во ноември лани, потребни биле 33 742 денара, што е за скоро 4 илјади денари повеќе во однос на износот на две минимални плати.

На едно четиричлено семејство само за храна и пијалоци во месецот потребни им биле 14 149 денари, а 8 547 денари само за подмирување на комуналните трошоци. За лична хигиена и за хигиена на домот месечно требало да одвојат 2 375 денари.

Математиката на ССМ покажува дека трошоците за живот од месец во месец се зголемуваат. Ако во јануари лани потребни биле 32 791 денар – веќе во ноември – трошоците за храна и сметки пораснале за скоро илјада денари.

Премиерот Заев вчера вети дека штом пандемијата стивне – платите ќе продолжат да растат.

„Верувам дека веднаш после одминување на кризата ќе го видиме повторно убавиот позитивен тренд на растење на минималната и просечната плата во државата и севкупните примања на граѓаните. “ изјави Зоран Заев, претседател на Влада.

Последното законско зголемување на минималната плата беше во декември 2019тата. Тогаш минималецот се покачи за 2 илјади денари. Од 12 500 на 14 500 денари.