Лукаревска: Уште 306 работодавачи зеле пари од државата, а не им дале плати на врботените

0
51

Уште 306 работодавачи кои добиле финансиска поддршка од државата од 16.305.020,00 денари не им исплатиле декемвриска плата на 992 вработени. Тие ќе добијат опомени, а по истекот на рокот и присилна наплата, информираше денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска

„За овие работодавачи Управата за јавни приходи изготви и достави опомени и за неисплатената плата, а по истекот на рокот од опомената, против оние кои нема да ја исплатат платата ќе следи поведување на постапка на присилна наплата на платата со блокада на паричните средства на нивните трансакциски сметки и пренос на средствата на сметките на вработените лица и на уплатните сметки за јавни приходи“, рече Лукаревска.

Најголема злоупотреба на финансиската поддршка е во дејноста трговија на мало, а најмногу фирми што не исплатиле плата се од Скопје, Тетово и Гостивар.

Според податоците што ги изнесе Лукаревска, меѓу оние кои ги злоупотребиле парите 78 работодавачи се од дејноста трговија на мало, кои примиле финансиска помош од 2.219.584 денари и не исплатиле плата на 145 вработени, 44 фирми што вршат подготовка на оброци и служење на храна примиле помош од 2.239.825 денари и не исплатиле плата на 130 вработени и 26 фирми од дејноста градежништво, примиле помош од 944.106 денари, а не исплатиле плата на 57вработени.
Останатите компании се од дејностите транспорт, трговија на големо, трговија на големо и мало со моторни возила и мотоцикли и услужни дејности. По региони најмногу фирми што не исплатиле плата се од Скопје – 92 фирми, Тетово – 63 и Гостивар – 16.