Протестот на студентите во Атина заврши со инцидент

0
27
dav

Со мал, изолиран инцидент заврши протестот на студентите во Атина, кога група од 20-ина лица, пред грчкиот Парламент фрлија предмети по полицијата, која одговори со шок бомби и мало количество солзавец, јави дописничката на МИА од Атина.

Инцидентот траеше многу кусо, по што протестот заврши.
Паралелно, дел од демонстрантите фрлија црвена боја врз зградата на Банката на Грција. Карантинот и рестриктивните мерки не ги спречија грчките студенти и денеска, масовно, и покрај пандемијата, да излезат и да го изразат нивното незадоволство од новиот предлог закон на Министерството за образование.

Со слогани против новиот закон протестираа по централните улици во Атина, сѐ до грчкиот Парламент.
Дел од студентите во разговор со дописничката на МИА од Атина, велат дека нема да се откажат од нивните барања и доколку е потребно ќе продолжат со нивните активности.

-Бараме Владата веднаш да го повлече законот според кој се воведува полиција на факултетите, вели студентот Костас, кој е член на Здружението на студенти од Прородно математичкиот факултет во Атина.

 

-Владата треба да одвои средства за Универзитетите, за книги, за учебници, а не за универзитетска полиција. Не прифаќаме никакви измени што предвидуваат испишување на студенти, ако студираат подолго, коментира студентката Кирјаки.

Студентите велат дека не е исклучена можноста, следната седмица кога законот ќе се гласа во Парламентот, да одржат нов протест.
Предлог законот на Министерството за образование за „Упис во високо образование, заштита на академската слобода, надградба на академската средина и други одредби“, вчера, при првото читање пред надлежната комисија, доби зелено светло, а утре продолжува расправата, по што следната седмица се очекува да следи и гласање на пленарна седница во Парламентот.

Доцна синоќа, непознати лица фрлиле летоци со закани пред политичката канцеларија на министерката за образование на Грција Ники Керамеос, по што реагираше владиниот портпаролот Христос Тарандилис, кој рече дека прават грешка оние кои мислат дека на тој начин ќе ја исплашат министерката и Владата и истакна дека „за насилството нема место ниту на универзитетите, ниту во општеството“. (МИА)