Во Тирана убиен познат наркобос, сопственик на многу бизниси во Албанија и Швајцарија

0
78

Во центарот на Тирана е убиен 65-годишен човек, познат како наркобос кој шверцувал хероин од Турција во Албанија.

Бехар Суло Софиа, по потекло од Берат, познат на полицијата поради своите криминални активности е убиен со огнено оружје со придушувач. Неговото убиство било добро организирано и убијците пукале од автомобил во движење во момент кога тој пешки се движел на тротоар во близина на познатиот објект „Пирамида“ покрај реката Лана – наведуваат албанските медиуми.

Бехар, кој е сопственик на голем број бизниси, се смета за еден од блиските соработници на Абдулселам Тургут, уапсен во Албанија за трговија со хероин.

Бехар во 1998 година бил уапсен поради шверцување на поголема количина хероин од Турција во Албанија, а бил вмешан и во инцидентот во Драч во 2009 година во кој беа убиени четворица полицајци.

Во Албанија имал градежна фирма, повеќе маркети и детски градинки, како и неколку бизниси во Швајцарија. Пред неколку години одреден период живеел во Турција.

Истрагата е во тек, а полицијата ги прегледува надзорните камери поставени на локацијата каде што бил убиен. Мотивот најверојатно е пресметка меѓу нарко кланови.