ЕУ вели „не“ за верска и етничка припадност во личните карти

0
94
Евроамбасадорот Дејвид Гир  вели дека во август стапува на сила регулатива со која се забранува споделување податоци за расна, етничка, политичка и верска припадност

Дали измените во Законот за лични карти и наведувањето етничка определба се во согласност со европската регулатива? Евроамбасадорот Дејвид Гир е дециден – најавува дека од август стапува на сила регулатива за заштита на лични податоци, со која се забранува споделување лични податоци, како расна, етничка, политичка и верска припадност. Ваквата најава доаѓа само еден ден откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека има сериозна забелешка од амбасадор на наша соседна држава околу предлогот за запишување на националноста во личните карти, без притоа да прецизира за која соседна држава се работи. Тој го повика премиерот Зоран Заев да го достави предлог-законот за тоа до Собранието со европско знаменце.

„Дијалогот е отворен, законските решенија ќе одат во Собранието, тука се амбасадорите на земјите членки и Европската делегација да ни помогнат и сите заедно ќе изнајдеме убаво решение што ќе приличи на мултиетничка Р. С. Македонија“, изјави премиерот Зоран Заев во врска со етничката припадност да се впише во личните карти. Премиерот рече дека ќе ги следат европските препораки и дека за нив впишувањето етничка припадност е прифатливо, бидејќи станува збор за мултиетничка земја.

„Државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Етничката определба е определба на секој граѓани. Дури и Струмица е повеќе етничка, а не Македонија, сме навистина мултиетничка земја и правото на определба треба да го почитуваме. Во тој дел ќе ги слушаме и европските директиви заради тоа што сакаме да бидеме членка на ЕУ. Може да се изнајде решение на определба за да нема каква била дискриминација или каква било пречка“, вели Заев.