Короната пак зема замав: за 10 дена бројот на активни случаи се зголеми речиси за илјада

0
70

Дали поради британскиот сој, дали поради олабавувањето на граѓаните при почитување на мерките, но по стабилното намалување на инфекциите од Ковид-19, последниве десет дена бројките пак забрзано се искачуваат. Обично поради викендите бројот на тестирања е намален, но очигледно дека многу граѓани се сомневаат дека се инфицирани, па според податоците од последните 24 часа биле направени 2.160 тестови, од кои позитивни биле 254 случаи. Процентуално, позитивните тестови изнесуваат 11,7 отсто од примероците.

Но загрижува што во нагорната линија се зголемува бројот на активни случаи, а помал е бројот на излекувани пациенти. Новите мутации очигледно имаат потешка форма на болеста.

Пред 10 дена, според извештајот на Министерството за здравство од 10 февруари, бројката на активни случаи беше под шест илјади – 5.993. Во денешниот извештај се наведува дека активните случаи се зголемиле на 6.822.

И бројот на починати се зголемува над просекот во периодот пред тоа. Според извештајот од 10 февруари, имало 2.959 смртни случаи, а денеска таа статистика се искачи на 3.063, што значи просечно по 10 починати дневно.

Најзагрижувачка е ситуацијата во трите града, Прилеп, Охрид и Кавадарци (освен Скопје, каде секогаш бројките на новоинфицирани се најголеми), каде беше детектиран британскиот сој. Денеска починаа пет лица само во Прилеп, а интерното одделение на болницата во тој град повторно е претворено во ковид центар. Во Прилеп сега има 483 активни случаи, во болницата се 48 лица, од кои дури 42 во тешка здравствена состојба на кислородна поддршка.

Здравствените власти последниве денови се под зголемен притисок од различни групи, најгласни меѓу нив се угостителите, кои бараат олабавување на мерките. Но како што се движи инфекциската крива, властите треба да размислуваат за заострување на мерките наместо за олабавување