Костадинов: Мицкоски е дете на Груевски и Мијалков, тие го поставија за да ги брани нивните криминали, одговорност ќе има

0
55

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, изјави дека очекуваат надлежните институции да го пронајдат Сашо Мијалков и да постапат по судската наредба. Одговорност за бегството мора да има, истакна Костадинов.

„Многу нечисто, нечесно, па дури и перверзно изгледа кога од устата на Христијан Мицкоски излегуваат зборовите „правда“, „правна држава“ „одговорност“. Тоа е истиот Мицкоски кој три години со сите сили правеше се да ја попречи правдата. Да, тој е истиот Мицкоски кој работеше против носењето на Законот за јавно обвинителство, човек кој предметите на Специјалното јавно обвинителство ги квалификуваше како „политички прогон“. А токму во тие предмети се обвинети Сашо Мијалков и Никола Груевски, но и Орце Камчев. Предмети има и за Антонијо Милошоски ама и за Игор Јанушев“, рече Костадинов.

Според него, ВМРО ДПМНЕ е симбол за криминал и корупција а Мицкоски е како што рече, единствен на браникот на криминалот на режимот.

Портпаролот на владеачката партија истакна дека Сашо Мијалков, кој го нарече „олицетворение на криминалиот режим на ВМРО-ДПМНЕ“ побегна од правдата.

„Одговорност за бегството на Мијалков мора да има ама одговорност мора да има и за сите бивши и сегашни функционери од белиот дворец и ВМРО-ДПМНЕ против кои се водат процеси пред судовите“, додаде Костадинов.