МВР имале сознанија дека Мијалков ќе бега, ОЈО бара кој му помогнал

0
93

Каде избега Сашо Мијалков? Како поранешниот директор на УБК, исчезна пред очите на полицијата. Обвинителите Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов не знаеле дека подготвува бегство, по завршниот збор во петокот за „Таргет – Тврдина“. Го известиле МВР дека судењето заврши и дека следува пресуда. Дури во саботата во 11 навечер, полицијата го известила обвинителството за организиран криминал дека има сомнежи оти Мијалков ќе бега. Вчера во 15 часот стигнало барање за куќен притвор. Бил одобрен, а Мијалков дополнително бил ставен под видео и аудио надзор. До 18 часот и 45 минути, обвинителството имало информација дека Мијалков не е избеган. Му се губи секаква трага по 21 часот и 47 минути. Обвинителството се соменва дека Мијалков имал јатаци и знаел дека против него има мерка притвор и дека го следи полиција.

 

„Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија“, велат од Обвинителството.

Мијалков полицијата го бара и со национална и со меѓународна потерница. Не се знае дали ја напуштил земјава – легално или илегално. Кривичен информира дека одредиле мерки против Мијалков, веднаш откако тоа го побарало обвинителството. Решението почнало да се изготвува во 15 часот вчера.

„Со оглед да предлогот е поднесен за време на викенд, советот во корелација со документацијата за сомневањето за бегство приложена од обвинителството со прилог известување доставени од Бирото
за јавна безбедност при МВР, веднаш започна со постапување и донесе решени со кое на обвинетиот му определи мерка куќен притвор со 24 часовен надзор како и видео и електронски надзор, а во 18:30 часот
решението веќе беше експедирано до МВР како надлежни за понатамошно постапување“, велат од Кривичен.

И додека јавноста е изненадена како по Никола Груевски на власта успеа да и избега и Сашо Мијлаков, премиерот Зоран Заев уверува дека нема политички договор, Мијалков да избега. И тој бил разочаран што поранешниот директор на тајната полиција го снема пет дена пред да ја слушне пресудата за скандалот со децениското нелегално прислушување. Засега Заев нема да бара оставки и одговорност.

„Ќе побарам одговорност кога ќе ги знаеме деталите. Синоќа судот дал наредба за домашен притвор. Ако не се лажам во 18 и 30 во Бирото за јавна безбедност е примена наредбата и веднаш е постапено по наредбата ред е да ги видиме деталите и секако ако има било каков пропуст секако одговорност ќе побарам јавно“, рече премиерот Заев.

Засега одговорност за бегството на Мијалков нема во раководните структури на МВР – министер, директор на БЈБ, директор на АНБ. Полицијата во обид да дознае дали и кој му помогнал на Сашо Мијалков на информативни разговори повика членови на неговото семејство и обезедувањето кои му беа верна сенка

Алсат М