МЗ ВО ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ ГО ПОТПИШЕ ДОГОВОРОТ ЗА НАБАВКА НА 200.000 ВАКЦИНИ ОД КИНА

0
60

Здравствените работници од КОВИД центрите и лицата над 70 години ќе бидат првите кои ќе се вакцинираат, кога ќе стигнат вакцините од Кина.

Здравствените работници од Скопје ќе се вакцинираат на пункт во Клиничкиот центар и во поликлиниката Букурешт, додека пак оние од другите градови вакцина ќе примаат во здравствените домови.

Лицата над 70 години, ќе ги повикуваат матичните лекари преку телефон и доколку и доколку сакаат да се вакцинираат ќе им биде закажан термин за вакцинација.

Според податоците на системот „Мој термин“ – 170.000 лица спаѓаат во оваа возрасна група.

Кинеската вакцина се прима во две дози во рок од 21 ден. Секој граѓанин што ќе ја прими првата доза веднаш ќе му биде закажен термин за втората.

Од следната недела пак Министерството ќе објави веб-страница на која и останатите граѓани ќе може да се пријават за вакцинација, а матичните лекари ќе ги известат за терминот.

„Очекуваме веќе во следната недела да го објавиме веб-сајтот, кој што ќе го содржи делот за пријава однсоно за изразување на интерес за вакцинација. Ќе биде објавен и ќе може веднаш да се започне со пријавување, со тоа што податоците што ќе бидат внесени податоците на сајтот, граѓаните ќе се пријават и автоматски ќе добијат одговор на е -маил за примена пријава и да очекуваат согласно во која група спаѓаат, да оечкуваат да ги повика матичниот лекар кога ќе им биде закажен терминот за вакцинација“ – вели Жаклина Чагоровска – од Национален електронски здравствен систем „Мој Термин“.

По овие групи на граѓани, ќе следува вакцинација на граѓаните над 65 години, хронично болните, здравствените работници од другите институции како што се Центрите за јавно здравје, институтите и вработените во Владата, Парламентот, образованието и градинките.

Граѓаните засега немаат можност да бираат со која вакцина ќе се имунизираат, но оние кои нема да сакат да примат одредена вакцина, ќе може да го откажат терминот за вакцинација.

Министерот за здравство и денеска не знаеше да каже кога ќе почне вакцинацијата и кога ќе стигнат вакцините ниту од Кина, ниту од Србија, ниту пак оние од директните преговори со Фајзер. Избегна да одговори на прашањето дали чувствува одговорност што не обезбеди ниту една вакцина за македонските граѓани досега, но тврди дека ќе добиеме значајна количина, со што нема да има прекин во вакцинацијата.

„Мислам дека ќе бидеме една од ретките земји која што во прв момент ќе обезбеди значајна количина на вакцини за сериозно голем процент од населението, сите земји се соочуваат со истиот предизвик“ – рече Филипче.

На прашањето зошто Македонија ја одбива руската вакцина, која веќе и Европа ја бара, Филипче вели дека нема потреба да преговара со Русите засега, повторно потпирајќи се на вакцините од КОВАКС механизмот на СЗО и од директните преговори со Фајзер.

„Во овој момент нема да правиме ништо посебно и конкретно кон ниту еден друг производител на вакцини поради овие две работи кои што ги споменав претходно. Прво за да видиме како ќе тече процесот на вакцинација и понатаму за да видиме каква ќе биде динамиката со која што ќе стигаат вакцините од другите инструметни од КОВАКС, Фајзер и Србија“ – вели министерот за здравство.

Преку КОВАКС механизмот на СЗО Македонија ќе добиеме вакцини дури во март и тоа на Астра Зенека – вакцини кои Европа не ги препорачува за постарите лица, бидејќи нема ефект кај нив, а истото се очекува да го препорача и нашиот Комитет за имунизација.

„Информациите за користење на вакцината на Астра Зенека кај постарата популација односно над 65 години ги следиме на тековна основа. Се уште официјални информации од  страна на Европската Медицинска Агенција ниту од СЗО нема за нејзино некористење над 65 години но искуствата на другите земји како што се Франција, Италија, Шпанија искочи со некои препораки тоа ќе го следиме и ние и очекуваме дека ќе биде давана на  категоријата на граѓани под 65 години“ – рече Александра Грозданова – претседателка на Комитет за имунизација.

Очекувањата на здравствените власти се дека дневно ќе се вакцинираат до 2.500 граѓани. Секој граѓанин што ќе се вакцинира, ќе добие потврда за примена вакцина, а здравствените власти апелираат особено граѓаните кои спаѓаат во ризичната категорија да се имунизираат со вакцините против КОВИД.

24 вести