Слободен ден и дупла дневница за тие што работат во недела

0
62

Недела ќе биде неработен ден, а оние што ќе работат во недела ќе бидат соодветно платени и ќе добијат слободен ден. Исклучок ќе бидат 34 дејности кои ќе работат и во недела. Од Владата информираат дека при крај е конечното законско решение кое гласи „недела е ден за неделен одмор“, а оние што ќе работат во недела ќе добијат дополнителен ден за одмор. Останува да се допрецизира кога работниците кои ќе работат во недела ќе можат да го искористат слободниот ден, дали веднаш во наредната работна недела или до крајот на следната.

На последната седница на Економско-социјалниот совет, Владата ја потврди намерата недела да се прогласи за неработен ден. Притоа, за нормално функционирање на државата одредени работодавачи ќе можат да работат, но само во определени дејности и тоа само оние работодавачи кои ќе можат да покажат дека технолошко-производствените процеси не смеат да се прекинат, значи не сите работодавачи во тие определени дејности. Останатите работодавачи, вклучително и оние чии технолошко-производствени процеси смеат да се прекинат во наведените дејности, а и сите работодавачи во дејностите кои не се наведени во исклучоците нема да смеат да работат. Во случај да го прекршат законот и да работат во недела, тогаш ќе следи соодветна ригорозна казнена мерка.

За работниците во дејностите кои спаѓаат во исклучоците, работодавачите ќе треба да им го платат работењето во недела согласно законите и колективните договори и ќе треба да одредат друг ден кој ќе биде ден за неделен одмор.

–Веќе сме пред крајното решение. Имаме уште мали нијанси и сметам дека следната недела ќе ги прецизираме. Она што треба да ги радува граѓаните е дека недела е неработен ден и ден за неделен одмор. Ова е формулацијата што е дефинирана меѓу синдикатите и Организацијата на работодавачи. Ќе има исклучоци – 34 дејности и дејностите кои се поврзани со основните дејности. Оние што ќе работат во недела ќе треба да бидат платени според колективните договори потпишани во секоја гранка и да добијат дополнителен ден одмор, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во текот на дискусиите за прогласување на недела за неработен ден рече дека во дел од дејностите не може во целост да се воведе недела да биде неработен ден, односно работниот процес не може да запре во недела. Таа даде еден интересен пример дека кравите мора да се молзат во недела, за да има млеко во понеделник.

Инаку за предлогот недела да биде неработен ден следеше тримесечна дебата и поделени мислења кај работниците и работодавачите. Работодавачите сметаат дека земјава не е толку економски развиена и богата за да си дозволи недела да биде неработен ден за сите. Според нив, во недела се остварува значителен промет во стопанството што земјата не смее да го изгуби, особено приходите од викенд туристите од соседните земји.

Од друга страна, пак, за Сојузот на синдикати ова значи победа на долгогодишната битка за унапредување на работничките права. Од ССМ сметаат дека на овој начин ќе се унапредат работничките права, работникот ќе биде попродуктивен, ќе има повеќе време за семејството, за одмор и професионално надградување и дообразување, а обврските можат да се завршат во текот на неделата, а истовремено да не трпи ниту бизнисот ниту работниците.

Од ССМ додаваат дека дневницата за работа во недела ќе се зголеми за најмалку 50 отсто.

-За работниците во дејностите кои ќе припаѓаат под исклучоците, работодавачите ќе треба да им го платат работењето во недела согласно законите и колективните договори најмалку за дополнителни 50 отсто на дневницата и ќе треба да одредат друг ден кој ќе биде ден за неделен одмор, а ССМ укажува дека тој ден треба да биде или денот кој му претходи или му следи на денот недела сè со цел да се намалат злоупотребите што се случуваат сега кога на некои работници денот за неделен одмор (недела) им паѓа во среда или во други денови во неделата, велат од Синдикатот.

Предлог законот за работни односи, од кој дел е и решението „недела неработен ден“ сè уште е во работна верзија и се консултира со сите засегнати страни.

Вечер