Филипче: Состојбата на колегата Јота е стабилна во моментов, има сериозна повреда

0
70

Состојбата на колегата Ѓорѓи Јота кој беше силно удрен од автомобил е стабилна во моментов.

Попладнево бев на увид и поразговарав со докторите кои будно ја следат неговата состојба. Верувам дека ќе се избори и ќе закрепне иако повредата е многу сериозна, соопшти вечерва на својот фејсбук-профил министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања рече дека хирургот Јота има тешка повреда на главата од вчерашниот удар од возило што го управувал малолетник пред Клиничкиот центар во Скопје.

– Колегата доктор Јота има тешка повреда на главата и се наоѓа во одделот за интензивно лекување на ТОАРИЛУЦ. Има нагмечување на мозокот и на белите дробови, поставен е на респираторна машина и сега се преземаат сите мерки на интензивно лекување, изјави Филипче на прес-конференцијата.

Во денешниот билтен на МВР беше соопштено дека синоќа околу 20.30 часот на крстосница од бул.„Мајка Тереза” и ул.„Елисие Поповски-Марко” пешакот Ѓ.Ј.(58) од Скопје се здобил со тешки повреди откако во него удрило патничко возило „БМВ ХБ”, со скопски регистарски ознаки, управувано од 16-годишник од Сингелиќ.