(ФОТО) Пет илјади години стара пиварница откриена во Египет

0
77

Археолози во египетскиот град Абидос откриле 5.000 години стара пиварница која можела да произведе илјадници литра пиво, објави египетското министерство за туризам и старини.

Во соопштението на министерството се додава дека пиварницата веројатно датира од периодот на владеењето на кралот Нармер, последниот крал од преддинастичкиот период од 3300 до 2900 година пред Христа.

Др Метју Адамс, од Њујоршкиот универзитет и еден од водечките стручњаци во египетско-американската археолошка екипа која ја открила оваа локација, изјави дека тој и неговите колеги веруваат дека пивото се користело во текот на кралските ритуали на погребување на најраните египетски кралеви.

Претходни истражувања во истата областа упатуваат на заклучокот дека пивото се користело во текот на жртвени обреди.

Древната пиварница, чијшто капацитет е проценет на 22.400 литри, била поделена во осум оддели со по 40 садови од глина за загревање на мешавината од житарки и вода.

Египетските власти речиси секој месец последните неколку години известуваат за новооткриени артефакти и наоѓалишта, настојувајќи да го заживеат туризмот, бидејќи египетската туристичка индустрија беше колабирана поради политичките превирања во ткн Арапска пролет од 2011 година и потоа со низата терористички напади и џихадистичкиот бунт на Синај.

На тоа минатата година се надоврза и пандемијата од коронавирусот. Од ланскиот март прекинати се меѓународните летови за Египет. Затворени се и археолошките наоѓалишата и музеите. Комерцијалните летови во драстично намален обем продолжија во јули, а бројот на туристите кои ја посетиле земјата се намалил од 13,1 милиони во текот на 2019 година на 3,5 милиони во 2020 година