17 нови згради високи 33 метри ќе се градат во Ѓорче Петров

0
58

Како што нагласија од Иницијативата, со ДУП Градска четврт С3 15 кој беше ставен како точка на дневен ред на денешната седдница на Советот, спротивно на сите ветувања предвидено е да никнат 17 нови згради со висина до 33 метри со вкупна бруто развиена површина од 138.918 квадратни метри или околу 24.000 квадратни метри, во кои е предвидено да живеат 1.359 нови жители

 

Од Иницијативата против урбаното дивеење во Ѓорче Петров вчера реагираа и побараа од Општина Ѓорче Петров и од градоначалникот Александар Наумоски да го повлечат Деталниот урбанистички план Градска четврт С3 15 кој беше ставен како точка на дневен ред на вчерашната седница на Советот, спротивно на сите ветувања.

На прес-конференцијата што ја одржаа вчера пред Министерството за транспорт и  врски, тие истакнаа дека со овој план кој го опфаќа потегот спроти кружниот тек во Порта Влае – позади „Убац – до Американ Констракшн и целиот дел спроти недправениот трговски центар, како и самиот парк во Ѓорче, е предвидено да никнат 17 нови згради со висина до 33 метри со вкупна бруто развиена површина од 138.918 квадратни метри или околу 24.000 квадратни метри.

– Притоа, овие згради во кои е предвидено да живеат 1.359 нови жители треба да се изградат во дел кој има површина помалку од 5.000 квадратни метри – истакна Горан Костов од Иницијативата против урбаното дивеење во Ѓорче Петров.

Тој додаде со овој план се отвора можноста и за градење на спорната зграда во паркот „Ѓорче Петров“.

– Тоа е еден од 25-те Детални урбанистички планови во Општината што се замислени да поминат пред Советот за осум месеци. Затоа, сега во архивата на Министерството за транспорт и врски ќе поднесеме барање до министерот Благој Бочварски да нè прими, за да му укажеме на неправилности и ова министерство како надлежна институција да ни помогне да не се прифатат спорните ДУП-ови во Ѓорче Петров – изјави Костов.

Тој се надева дека ќе наидат на слух кај надлежниот министер, оти ќе ги прими за да можат убаво да му ги објаснат работите.

Од Иницијативата се прашуваат кога ли ќе престане ова, како што го нарекуваат печатење на урбанистички планови, како што се Хром, Дексион – Јурија, а сега и овој.

Тие најавија во сабота, во 12 часот ќе одржат предупредувачка блокада кај кружниот тек, кај црквата „Свети Петар и Павле“ и ги повикаа сите граѓани кои се засегнати со спорните ДУП да им се придружат за да го искажат својот револт.

Од Општина Ѓорче Петров образложија дека по изминување на планскиот период на претходно донесениот ДУП за Градска четврт СЗ 15 (плански период 2013-2018, донесен со Одлука на Советот на Општина Ѓорче Петров бр. 07 2172/3 од 09.07.2014), стручните служби извршиле опсежна анализа на планските решенија на овој план и проблемите на кои е наидено при спроведување.

– Се работи за простор кој де факто е реонски центар за општината, односно во рамките на планскиот опфат се наоѓаат: централниот општински пазар, поликлиниката „Ѓорче Петров“, полициската станица „Ѓорче Петров“, противпожарната станица „Ѓорче Петров“ и пред сѐ: централниот парк во општината. Катностите варираат од П+5+Пк до П+9+Пк – објаснија општинските власти.

Тие додаваат дека за ова планско решение има повеќе причини.

 – Со овој начин на планирање просторот се надоврзува на околниот, претходно планиран и делумно реализиран; решението е аналогно на соседниот комплекс Порта Влае (каде исто се јавува „разиграна“ структура со височини од П+5+Пк до П+15+Пк, како и на планираните содржини од соседниот ДУП СЗ 16 – во изработка. Новиот предлог план планира безмалку идентична вкупна бруто развиена површина за домување на ниво на плански опфат. Во постојниот план од 2014 година вкупната бруто развиена површина за домување изнесува 88.310 квадратни метри, а во новиот предлог план истата изнесува 88.308 квадратни метри. Мора да се нагласи и дека новиот предлог план задава и минимален процент за озеленетост на градежните парцели од 20 проценти наспроти постојниот ДУП од 2014 година каде е зададен минимален процент на озеленетост од 5 проценти – потенцираат од Општина Ѓорче Петров.

Оттаму сметаат дека сите овие плански одредби: намалување на процентот на изграденост, ослободување на дополнителни површини без градби, намалување на длабочините на површините за градење со намена домување и зголемување на површините под зеленило, се апсолутно во контекст на зголемување на квалитетот на домувањето и хуманизација на просторот и оти самиот предлог на Детален урбанистички план за Градска четврт СЗ 15 е изработен во постапка со целосно почитување на релевантната законска и подзаконска регулатива.