За добивање возачка дозвола ретко кој поминува од прв пат

Министерството за внатрешни работи соопшти дека е мал бројот на кандидати кои од прв пат положуваат возачки испит.

Според податоците на МВР практичниот дел од  тестирањето е најголем проблем на кандидатите кои аплицираат за возачка дозвола.

Од Министерството за внатрешни работи, велат дека бројот на кандидати кои поминуваат уште на првото тестирање е мал и затоа треба да се провери квалитетот и начинот на спроведување на планот за добивање на возачка дозвола.

„Кандидатите најчесто не го поминуваат практичниот дел. Во овој дел се проверува дали кандидатот ги стекнал потребните знаења и вештини за управување со возило од одредена категорија “, вели Трајче Георгиев, раководител на единицата за инженерство и сообраќај во Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи.

Според Герогиев, причините зошто кандидатите не поминуваат на првото тестирање треба да се бараат во образовниот процес што се применува во автошколите, како и во објективноста на евалуацијата на кандидатите за возачи за време на тестирањето.