СЗО: Нерамномерната распределба на вакцините е гротескна и морално навредлива

Се зголемува нееднаквоста во пристапот до вакцините против ковид-19 меѓу богатите и сиромашните земји и станува гротеска, изјави денеска шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебреизус.

Во јануари, предупредив дека светот ќе се најде на работ на морален колапс ако не обезбеди еднаква дистрибуција на вакцината против ковид-19. Имаме можности да го избегнеме тој неуспех, но шокантно е колку малку е направено, „ рече Тедрос Аданом Гебреизус на прес-конференција.

„Јазот помеѓу бројот на вакцини примени во богатите земји и оние преку Ковакс се шири и станува се повеќе гротескен секој ден“, додаде тој.

Меѓународниот систем Ковакс, основан од СЗО, има намера оваа година да обезбеди дози на 20 проценти од населението во скоро 200 земји и територии и вклучува механизам за финансирање за помош на 92 сиромашни земји.

„Земјите кои денес вакцинираат помлади, здрави луѓе, кои се изложени на мал ризик од инфекција со ковид-19, го прават тоа на штета на животот на здравствениот персонал, старите лица и ризичните групи во други земји“, нагласи лидерот на СЗО.

“Најсиромашните земји се прашуваат дали богатите земји навистина го мислат она што го велат кога споменуваат солидарност. Нефер дистрибуцијата на вакцини не е само морална навреда. Таа е економски и епидемиолошки самоуништувачка”, инсистира тој.

“Некои земји се натпреваруваат да го вакцинираат целото свое население, додека други немаат ништо. Тоа создава краткорочна безбедност, но тоа е лажно чувство на безбедност”, рече генералниот директор на СЗО.

„Колку повеќе циркулира короната, толку повеќе варијанти се појавуваат и поголема е веројатноста дека постојните вакцини нема да бидат ефикасни “, објасни тој.