Алијанса/Алтернатива со нови 7 илјади амандмани – пратениците цел ден потпишуваат за да го блокираат Собранието

0
49

Ги потпишуваат амандманите, кои се чини дека немаат крај… Пристигнуваат и други…

Пратениците од албанската опозиција, Скендер Реџепи и Елми Азири без прекин потпишуваа амандманите што кои ќе ги поднесат со цел да ја блокираат работата на законодавниот дом.

„Талат нема да може да ни донесе… должност му е да ни обезбеди хартија и тонер, за другото лесно е….“

Ова е контра-одговорот   на  власта и македонската опозиција кои го оспорија предлог-законот за државјанство. Само денеска пратениците од Коалицијата АА-ААА, изготвија 7 илјади амандмани за следните предлог-закони за финансии и буџет. Досега имаат поднесено над 10 илјади.

„Ние сме повеќе од одлучни во однос на ова прашање. Не 7 илјади, ако има потреба и 17 илјади амандмани ќе поднесеме бидејќи е неприфатливо да се попречи дебата за прашање кое е суштинско за животот на граѓаните“, истакна Елми Азири.

Првиот вицепремиер Артан Груби, од Собрание порача дека деструктивното однесување не помага за добивање гласови од граѓаните, туку напротив, кога идеите се корисни и се  конструктивни, тие се вметнуваат во предлог-законите, а потоа се усвојуваат во собраниска постапка.

„Мојот апел е да бидат конструктивни, да даваат креативни идеи и да ја преземат одговорноста што ја бараа од граѓаните, да работат за граѓаните а не да ги блокираат решенијата за граѓаните“, посочи Артан Груби.

Премиерот Зоран Заев пред неколку дена рече дека е подготвен да свика и лидерска средба за да се најде решение. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчера изрази подготвеност за дијалог и компромис за деблокирање на Собранието. И албанската опозиција е подготвена за дебата, но пратеникот Азири вели дека сега немаат добиено никаква понуда.

„На секоја понуда за деблокирање на Собранието ние ќе одговориме со добра волја како и секогаш. И даваме предност на дебатата“, додава Елми Азири.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски вели дека не е добро кога политиката не се договара во Собрание, се упатува на лидерски средби каде шансите за успех се помали. Се залага дека може да свика лидерска средба доколку страните се согласни, дури смета дека такво нешто ќе има повеќе успех доколку на маса има и меѓународни претставници.

За предлог законот за државјанство, предложен од албанската опозиција, ВМРО-ДПМНЕ достави околу 500 амандмани. Од друга страна, пратениците од мнозинството излегоа со исто мислење како тоа на Владата, со критика за текстот. Вчера пратеникот од социјалдемократите Јован Митрески ги повика колегите од албанската опозиција да седнат и да најдат решение согласно меѓународните стандарди. Го повтори ставот дека предлог законот кој е доставен не можат да го поддржат бидејќи не може да се уреди ниту со амандмани.