Бил вакциниран, но сепак познатиот српски актер Власта Велисављевиќ кој почина се заразил со коронавирусот

0
20

Актерот Власта Велисављевиќ, најпознат во јавноста по улогата на мајсторот Ѓорѓевиќ во серијата „Подобар живот“, почина на 95-годишна возраст, пренесуваат бројни српски медиуми. Тој бил позитивен на коронавирус и бил хоспитализиран во клиничката болница „Драгиша Мишовиќ“. Тој бил вакциниран против коронавирус на 21 јануари годинава.

Како најстар активен актер во регионот, Власта во 2017 година гостуваше со претставата на Југословенскиот драмски театар „Хамлет“ во загрепски ХНК. Тој го играше духот на таткото на принцот, а нашиот режисер Александар Поповски не го поштеди, туку го почести со огромен текст што Велисављевиќ го научи напамет.

„Не ми е тешко да патувам на турнеи. Седам на првото седиште во двокатниот автобус и ги забавувам моите колеги. Се преправам дека сум возач, се наведнувам кога ќе видам надвозник или некои гранки кои се наведнуваат кон патот и го вртам воланот“, се пошегува актерот.

Веселиот дух не го остави ниту во десеттата деценија од животот, па со насмевка ги раскажувал спомените од озлогласениот работен логор Дахау, каде што бил три години.

„Таму го научив германскиот јазик, поради што подоцна лесно добивав улоги во филмови. Бев и на Голи Оток. Можев да поминам и полошо, барем имаше море“, рече Власта.

Власта беше доживотен почесен член на Југословенскиот драмски театар, тој сними повеќе од сто филмови, околу седумдесет ТВ-серии и одигра најмалку 350 улоги во театар.