Владата се разбуди за Охрид: Стоп за уривањето на „Парк“ и преиспитување на случајот

0
18

„Општина Охрид ќе направи вонреден инспекциски надзор за утврдување на фактичката состојба околу изградбата на новиот хотел на местото урнатиот ресторан „Парк“. Ќе  биде испратено и известување, согласно укажувањето на Владата, да се прекинат градежните активности до утврдување на фактичката состојба. Тоа ќе биде направено кога Општина Охрид официјално ќе ги добие задолженијата од Владата“, велат од Општината Охрид за весникот ВЕЧЕР

Одобрението за изградба на хотел на локацијата на сега веќе урнатиот ресторан „Парк“ на охридскиот брег, во наредните денови ќе биде под лупа на надлежните институции во државата. Бурните реакции во јавноста за случајот со овој објект, кој е автентично архитектонско дело од 20 век, конечно ги крена на нозе најповиканите кои во наредните денови треба да се координираат и да ја испитаат законитоста на целата постапка. По информацијата од Министерството за култура, Општина Охрид доби задача од Владата да ги превенира градежни работи на локацијата на ресторанот Парк и во рок од два дена да достави информација за важноста на одобрението за градба.

Во насока на заштитата на охридскиот брег, Министерството за транспорт и врски, пак, во рок од два дена треба да формира стручна комисија која ќе изврши увид во работата за Општина Охрид за процесот на издавање/спроведување на одобрението за градење и за своите наоди да ја извести Владата на наредната седница. Од Владата во меѓувреме посочуваат: „Законот за градење, одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно“.