Влеговме и прославивме во пандемија: Што се промени за една година членство во НАТО

0
17

Од 27 март 2020 кога беше депониран Пристапниот протокол за членство до денеска, 27 март 2021 година
Северна Македонија точно пред една година го официјализираше членството во најголемиот воено-политички сојуз, Северноатланската алијанса. Во вонредни околности, во услови на пандемија со ковид-19, на 27 март 2020 година во Вашингтон вршителот на должност амбасадор на земјава во САД, Вилма Петковска, на американскиот помошник – државен секретар за Европа и Евроазија, амбасадорот Филип Рикер му го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство.

Протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО / Фото: МНР
Tри дена подоцна, на 30 март лани, знамето на Северна Македонија беше кренато да се вее пред седиштето на НАТО во Брисел со знамињата на останатите држави членки.

Една година потоа…
И повторно во специфични услови на пандемија, денеска во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа церемонија на одбележување на првата годишнина од остварувањето на една од двете стратешки цели на земјава – членството во Алијансата.

Покрај државниот и воениот врв, присуствуваше и командантот на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмиралот Роберт Бурк, кој од вчера е во земјава по повод првата годишнина од нашето членство во Алијансата.