Во Ниш се вакцинираат и граѓани кои не закажале, во Белград преспиваат за да го избегнат полицискиот час

0
19

Околу стотина лица пред влезот на спортската сала „Чаир“ во Ниш, сите од Македонија и сите без претходно закажан термин, чекаат за вакцините АстраЗенека кои ги овозможи соседна Србија за граѓаните на земјите од регионот. Истовремено, во близината има и друга, помала редица граѓани кои претходно имаа закажано вакцинирање преку договорената соработка на стопанските комори на Србија и Македонија, кои добија прецизна сатница кога да дојдат во салата и со прецизни упатства каде да се паркираат и да се упатат.

Како што јавува нашиот известувач од местото на настанот, вакцинацијата се одвива непречено, а оние кои дојдоа утринаваа ненајавено работата ја завршиле за петнаесетина минути. Како што велат локалните жители, утринава дошле многу Македонци со цел да се вакцинираат.

Многумина се упатија кон Белград, бидејќи оние кои самоиницијативно се пријавија на српскиот сајт е-управа, и каде што ја искажаа заинтересираноста за вакцинирање против КОВИД-19, на нивните меил адреси и на телефоните со српски броеви кои што ги доставиле, добиле порака да се упатат во Белград, каде што вакцинацијата се спроведува на тамошниот Белградски саем. Со оглед на растојанието и полицискиот час во земјава, некои се одлучија да преспијат во белградските хотели, без оглед дали нивниот термин е денес или утре.

За големата заинтересираност зборува и податокот од МВР, дека на ГП Табановце до 10 часот влез/излез оставриле 3.234 лица, од кои влез 1.095, а излез 2.139 лица.

Претпладнево немаше гужва на ГП Табанoвце, но евидентна беше поголема раздвиженост на автомобили кои се упатуваа кон Србија.

Како што јави МИА, дел од граѓаните кои патуваат кон Србија потврдија дека патуваат за вакцинација. Еден од граѓаните рече дека аплицирал преку Стопанската комора на Македонија која ја организира вакцинацијата со сродната комора на Србија. Тој, како што изјави, вчера аплицирал за вакцинација, добил електронска пошта, денеска ќе се вакцинира во салата „Чаир“ во Ниш, заедно со вработени од компанија.

Уште една патничка потврди дека ќе се вакцинира преку Стопанската комора, информирајќи дека апликацијата овозможува вакцинација без престој или живеалиште. Трет граѓанин кажа дека ќе се вакцинира во Ниш и рече дека самостојно заминува за вакцинација.

Утрово и АМСМ извести дека има метеж на ГП Табановце и дека се чека 40 минути за излез од државата кон соседна Србија.

На социјалните мрежи многумина веќе постираат фотографии од местото каде што се вакцинирале, било да станува збор за Ниш или за Белград. Некои се и прилично шеговити. Па така, еден наш сограѓанин ситуацијата ја опиша со зборовите: Инвазија. „Концерт“ на Белградски саем. Свири АстраЗенека.

Сите нагласуваат дека постапката за вакцинирање се одвива беспрекорно и организирано.