Германец во сопствена лабораторија направил вакцина против корона и вакцинирал волонтери

0
50

Докторот Винфрид Штакер ја произвел вакцината во својата лабораторија без вообичаена постапка за одобрување и веќе вакцинирал волонтери. По тоа следувала кривична пријава, пишува ДВ

На почетокот на април 2020 година, неделникот Дер Шпигел го прослави Винфрид Штакер, лекар и претприемач од Либек. Приказната во тоа списание ставала акцент на генијалноста на пронаоѓачот кој во својата сопствена лабораторија развил вакцина против коронавирус и веќе вакцинирал 100 волонтери. Вакцината, наводно, немала несакани ефекти и нејзината ефикасност според серолошките тестови достигнувала дури 97 проценти. Во извештајот се наведува дека процесот на производство е едноставен и дека со вакцината за кратко време може да се снабди целото население на Германија.

Дер Шпигел пишува дека лекарот добил пријава од надлежната институција за одобрување на вакцината, наместо поддршка.

Дали Штакер е непризнат генијален иноватор, спречен од бирократија? Или, е неодговорен д-р Франкенштајн? Во професионалните кругови, постапката на овој лекар беше пречекана со бес. Штакер, според овие приговори, прескокнал низа пропишани чекори кои гарантираат безбедност на пациентот.

Професорот по медицина и претприемач Штакер не можел да обезбеди информации за дозволата за употреба на вакцините, протоколот за истражување и пред-клиничкото осигурување. Очигледно тој ја зел вакцината директно од лабораторијата и им ја инјектирал на волонтерите.

Дозволата за употреба на лекови е сложена постапка за која е потребно многу време. Лабораториското истражување на клеточните култури е проследено со токсиколошки тестови врз животни. За да се случи ова, производителот мора да исполни низа услови и да помине низ постапки за лиценцирање.

Истото важи и за следниот чекор, првата фаза од клиничкото испитување на луѓето, проследено со другите фази. И општ предуслов за какво било клиничко испитување е дозвола на надлежната институција. Во Германија, тоа е Институтот Пол Ерлих (ПЕИ).

Токму овој институт ја пријавил вакцинацијата спроведена од Штакер до надлежната институција во Кил, по што била поднесена кривична пријава.

„Постои сомневање дека е сторено кривично дело, имајќи предвид дека се спроведени истражувања со експериментален лек што не е претходно истражен“, се вели во извештајот.

Основниот научен принцип е правило дека производителите на лекови или нивни соработници не можат да учествуваат во тестирање на лекови – за да се избегне субјективноста. Ова е причината зошто шефот на BioNTech, Угур Сахин, не бил вакциниран со вакцината BioNTech / Pfizer, како што тој самиот рече во интервју за ДВ на крајот на 2020 година.

Штакер, за разлика од него, можел да се пофали дека ги вакцинирал и семејството и неговите вработени. Кога лекарот му дава на пациентот лек кој не е лиценциран, тој може да биде обвинет за телесна повреда. Покрај тоа, тој ја крши обврската за медицинска совесна постапка, така што Штакер може да смета и на санкции од лекарската комора.

Штакер вели дека вакцината се заснова на „рекомбинантен антиген кој лесно и ефтино се произведува “. Тој додава дека неговата вакцина е споредлива со постојните вакцини против хепатит А и Б. Покрај тоа, за разлика од постојните вакцини, антигенот се размножува надвор од организмите во лабораторијата “така што веќе нема никаква причина да се плашиме од неконтролирано ширење на вметнати генетски информации во човечкото тело “.

Вистина е дека вакцина слична на онаа на Штакер веќе долго време се користи против вирус на грип или вирус на хуман папилома (ХПМ).

Штакер не можел научно да го докаже своето тврдење дека вакцината што ја создал е навистина ефикасна во 97 проценти од случаите. И навистина нема ниту една објавена студија за тоа во реномирано професионално списание.

Досега тој извршил само серолошки тестови според кои вакцинираните имаат развиено антитела кон коронавирусот. Разни други аспекти, како што е имунолошкиот одговор на Т-клетките, се испитуваат како дел од одобрувањето на вакцината. Исто така, вистинската ефикасност зависи од одговорот на прашањето колку луѓето во тест групата се заразиле после вакцинацијата во споредба со плацебо групата. Ова обично се контролира на крајот од третата фаза за развој на вакцините.

Штакер очигледно сè уште не го направил првиот од низата потребни чекори.