Заев: Пописот е одложен, се надеваме во септември ќе имаме подобри услови

0
16

Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев по завршувањето на лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека е постигнат договор за одложување на пописот на населението за наесен, во текот на месец септември. Тој нагласи дека го слушнал гласот на опозицијата и на граѓаните и најави дека со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е постигната согласност за носење на вавжните закони. За одложувањето на пописот се информирани шефот на дражавата и претседателот на Собранието.

 

 

„Верувам дека и другите партии и партиите на Албанците, како и Левица, ќе се согласат со нашиот договор за одложување на пописот кој ќе се одржи од 1 септември до 30 септември имајќи предвид дека во летните месеци многу граѓани се отсутни од своите домови. Затоа и го поместивме терминот за локалните избори, зашто внимававме да не се поклопат двете обемни операции – попис и избори”, изјави Заев нагласувајќи дека треба веднаш да се изготват измени на Законот за попис бидејќи во самиот негов текст е дефиниран терминот за одржување на пописот.

 

Тој рече дека претходно согласност добил од ДУИ и од БЕСА, дека се информирани и претседателот на Собранието и шефот на државата и дека ќе ги консултира и другите парламентарни партии. Има доста аргументи, рече Заев, бидејќи треба време и за имунизација на попишувачите и стекнување на нивен имунитет, но и дека превагнале разбирањето кон опозицијата и граѓаните.

 

„Ужаснат сум што пандемијата може да трае и наесен, можеби и подоцна, но барем ќе имаме одреден степен на имунизација. Не станува збор дали јас во еден период сум говорел една работа за пописот, а сега се согласувам за одложување, но треба да се слуша гласот на сите во оваа земја”, рече Заев, на забелешка од новинарите дека упорно од власта повикувале да се прифати попис во април и дека најавувале дека одложување не доаѓа предвид.

 

Заев нагласи дека со Мицкоски се согласиле дури и дека власта има стабилно мнозинство, но дека и власта и опозицијата постојат заради граѓаните и дека секако поголема е одговорноста на власта.

 

Тој информираше дека со Мицкоски е постигнат договор за одблокирање на парламенот и дека во процедура ќе одат важни закони како за петтиот пакет економски мерки, за клиничкиот центар, законите за АВМУ и МРТВ , за државјанствата, за законите кои се однесуваат на пензионирањето со 64 години, како и на други закони битни за стопанство и економијата

 

„Верувам дека во наредните месеци ќе имаме поконфорна атмосфера во Собранието и дека веќе утре ќе може во процедура да влезе и законот за отпечаток од прст за локалните избори, но и ќе разговараме за решението со помал цензус да може да биде избран градоначалник во првиот изборен круг, за гласање на дијапората и на други соодветни места, а не само во дипломатско – конзуларните претставништва, но и ќе разговаравме и за измени на Изборниот законик со сите партии”, рече Заев.

 

Тој информира дека во среда ќе има средба со Алијанса и Алтеренатива, како и со други партии и со учество на министрите за внатрешни работи и за правда кога ќе се разгледаат можностите во поглед на законите кои се однесуваат на отпечаток од прст и за државјанствата.

 

На прашањето какво е неговото чувство што голем број граѓани се вакцинираат во Србија иако плаќаат здравствено осигурување, Заев рече дека не му е пријатно што е така и на Србија ѝ искажа уште еднаш благодарност за тој хуман потег. Потоа тој повтори како течеле преговорите и барањата за добивање вакцини и колку дози на вакцини од разни производители во наредниот период би требало Македонија да добие.

Мкд.мк