За првпат се следи балкански рис со ГПС околувратник во Јасен

0
57

За првпат се следи балкански рис со ГПС околувратник во Јасен

Македонско еколошко друштво во соработка со вработените од Јавното претпријатие за стопанисување со повеќе наменското подрачје „Јасен“ на крајот на февруари успешно обележа млад мажјак со GPS околувратник од загрозениот вид балкански рис.

  • „За присуството на балкански рис во Јасен имавме податоци подолго време но досега немавме среќа да поставиме GPS околувратник на рис. Ова е првиот рис што ќе го следиме надвор од Маврово и околината, како подрачје каде што досега имаме потврда дека се размножува рисот. Се надеваме дека оваа единка ќе ни даде интересни информации за неговото хранење и движење во Јасен“, изјави Диме Меловски од МЕД.

Рисот беше обележан од страна на тројца членови на нашиот тим со поддршка на еден ловочувар од „Јасен“ и двајца стажанти од Германија и Франција. Фаќањето на овој рис е дел од полусистематската сесија за фотозамки која покажа и присуство на уште една единка на рис како и присуство на лисици, куни, јазовци, елени, срни, диви кози, диви мачки, волци и мечки.

Активностите за воспоставување на мониторинг на рисот во „Јасен“ се спроведуваат во рамки на проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ во соработка со тимот на заштитеното подрачје, којшто е финансиски поддржан од Европската Унија а спроведен од УНДП со поддршка на МЖСПП. ###