И во Бугарија почина жена по вакцинирањето со АстраЗенека, прекината е вакцинацијата

0
62

Бугарија денеска времено ја прекина вакцинацијата со АстраЗенека , откако жена починала 15 часа по приемот на вакцината, пренесува Ројтерс.

Бугарија вели дека сака Европската агенција за лекови (ЕМА) да ги реши сите сомнежи во врска со безбедноста на вакцината.

Со тоа Бугарија стана 11-та земја што привремено ја прекина вакцинацијата со вакцината на АстраЗенека.

ЕМА вчера соопшти дека нема пречки за употреба на AstraZeneca и истакна дека придобивките од вакцинацијата ги надминуваат ризиците.

„Додека не се расчистат сите сомнежи, ја прекинуваме вакцинацијата со оваа вакцина“, објави бугарскиот премиер Бојко Борисов во соопштението за печатот.

Министерот за здравство Костадин Ангелов потврди дека 57-годишна жена од село на југот на земјата починала од срцева слабост околу 15 часа по вчерашното примање на вакцината на АстраЗенека.

„Ова е од претпазливост“, рече Ангелов пред новинарите, повикувајќи ги сите вакцинирани со „АстраЗенека“ да останат смирени.

„Немаме официјални податоци кои докажуваат каузално-последична врска“, рече Ангелов.

Жената која починала 15 часа по вакцинирањето имала историја на срцеви заболувања и била дебела. Резултатите од истрагата за нејзината смрт ќе бидат познати за седум дена, но при аутопсијата не се откриени тромбови.

Данска, Норвешка и Исланд вчера привремено ја прекинаа вакцинацијата со АстраЗенека по неколку случаи на згрутчување на крвта кај луѓето кои ја примиле вакцината.

Бугарија, која се обидува да ја забрза вакцинацијата, најави дека ќе ги чува дозите на вакцината на АстраЗенека во склад додека продолжуваат проверките и ќе продолжи со вакцинацијата со вакцините на Pfizer и Moderna.

Германија и Франција најавија дека ќе продолжат со вакцинацијата со АстраЗенека.

Светската здравствена организација денеска соопшти дека нема причина да се прекине вакцинацијата со AstraZenecа.