МАКЕДОНИЈА ПРЕКУ КОВАКС МЕХАНИЗМОТ ЌЕ ДОБИЕ 100.800 ВАКЦИНИ НА „АСТРА ЗЕНЕКА“

0
20

Македонија ќе добие 100.800 вакцини на „Астра зенека“ од КОВАКС механизмот преку првата распределба, информираат од Светската здравствена организација за ТВ 24 и велат дека за тоа ја известиле Владата.

Оттаму дополнуваат дека периодите за испорака ќе бидат обајвени дополнително во наредните денови.

„Ние сме во близок контакт со секоја од државите кои учествуваат во КОВАКС во врска со дистрибуцијата на вакцините. Како секоја држава ги финализира подготовките за прием – така КОВАКС издава налози за набавки од производителите и ги испорачува и доставува дозите преку процес на повторување. Ова значи дека, од минатата недела, испораките за оваа прва фаза на распределба се одвиваат секојдневно, според временски рамки и во транши.“ – велат од СЗО.

Од министерството за здравство велат дека нашата земја ги исполнила сите услови за прием на вакцините и дека навреме ја извршила наплатата. Според најавите, во текот на следниве недели  се очекува да ги добиеме вакцините преку овој механизам, но засега нема информации за точен датум ниту пак за точната количина на вакцини кои ќе ги добиеме.

Инаку според информациите на здравствените власти, Македонија има нарачано вкупно 833.000 вакцини преку овој систем.

Дел од европските земји како што се Германија, Франција, Италија, а од денеска и Шведска  ја стопираа употребата на оваа вакцина поради сомнежи дека предизвикува сериозни несакани ефекти како што се згрутчување на крвта.

СЗО смета дека земјите треба да продолжат со вакцинацијата со Астра Зенека. Европската Агенција за лекови обајви дека нема назнаки дека вакцината предизвикува згрутчување на крвта сепак ќе ги проверува овие наоди и во четврток ќе го соопшти заклучокот.

Од нашето министерство за здравство велат дека  ќе се раководат по  препораките на Европската медицинска агенција и СЗО.

Во земјава досега вакцинирани се само 5 000 здравствени работници, а според податоците на Министерството за Здравство, пријавени се околу 137 000 граѓани за вакцинација.

ПРЕЗЕМЕНО ОД 24 ВЕСТИ